цЦарински службеници во Царинската испостава Струмица заплениле моторцикл Априлиа откако по поднесената увозна декларација со сите пропратни документи било увидено дека се работи за друг моторцикл за кој увозникот не поседувал никаков документ. Против сторителот е покрената прекршочна постапка.
Царински службеници во два случаи заплениле и 56 штеки и дополнително уште 9 кутии цигари.
„Еден од случаите е откриен во соработка со МВР, при што запленети се 44 штеки цигари и 9 кутии цигари без акцизни маркички, пронајдени во близина на граничната линија сокриени во грмушки. Во вториот случај, запленети се 12 штеки цигари откриени во товарно моторно возило товарено со стока пријавена за увозно царинење“, информираа од Царинската управа.
Мобилни царински тимови на влез во државава на граничниот премин Богородица, во багажник на автомобил откриле 238 разни производи (штитници за колена, делови за автомобили, депилатори, играчки, организери за шминки, пили со ланец, соларни рефлектори, алат и друго).
Во друг случај, 5.000 пластични делови за прозорци се пронајдени во две картонски кутии сместени на горниот кревет во кабината на камион со албански регистарски таблички, управуван од албански државјанин кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.
„3.755 пара детски сандали, 64 колички и 24 детски велосипеди, со ознаки на заштитени трговски марки се откриени од страна на мобилните царински тимови на излез од државата на граничниот премин Блаце. Стоката е пронајдена при контрола на контејнер натоварен на камион со косовски регистарски таблички. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност“, соопштија од Царина.
На граничниот премин Богородица пак, е откриен обид за користење на фалсификувана лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Имено, македонски државјанин како возач на камион со македонски регистарски таблички, при влез во државата приложил извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, издаден на неважечки образец. Покрај тоа возачот не поседувал сертификат за професионална компетентност за учество во меѓународен превоз на патници и стоки.
„Случајот е предаден на секторот за контрола и истраги за понатамошна постапка“, велат од Царина.