Во првиот случај, при контрола на автобус, царинските службеници откриле 16.051 парчиња лекови со вкупна вредност од 1,6 милиони денари.
„Лековите, меѓу кои хормонски терапии, лекови за дијабет и раствори за инјекции, биле пронајдени скриени во фабричките шуплини на автобусот. Против двајца осомничени поднесени се кривични пријави“, информираа од Царинската управа.
Во вториот случај, на граничниот премин Меѓународен Аеродром Скопје, турски државјанин се обидел нелегално да внесе 116 забни импланти без потребните дозволи. Стоката беше откриена при контрола на личниот багаж, а вредноста на имплантите изнесува околу 1 милион денари. Против осомничениот е поднесена кривична пријава.

Во третиот случај, на истиот аеродром, спречен бил обид за криумчарење на пирсинг и опрема за тетовирање, која подлежи на посебни дозволи.
„Стоката била откриена при контрола на патник кој летал од Стокхолм до Скопје. Непријавената стока е запленета, а против патникот е поведена прекршочна постапка“, велат од Царина.
Царинските службеници на граничен премин Богородица спречиле и обид за криумчарење на 12,5 тони овошје и зелечук, меѓу кои ананас, авокадо, пиперки и киви, со вкупна вредност од 1,4 милиони денари.
„Стоката беше откриена во транзитна постапка без пријавена царинска декларација. Против осомничениот е поднесена кривична пријава“, велат од Царинската управа.
Во последниот случај, на истиот премин, царинските службеници откриле и криумчарење на златен накит вреден 581.900 денари. Сторителот се обидел да избегне плаќање на давачки во износ од 207.738 денари. Накитот е запленет, а против осомничениот е поднесена кривична пријава.

„Царинската управа продолжува со интензивни напори за спречување на криумчарење и заштита на економските интереси на државата“, децидни се од Царината.






