петок, 13 јуни 2025

Царината поднела 85 кривични пријави за пет месеци, остварена дополнителна наплата од 11 милиони денари за увоз на месо

Царинската управа за неполни пет месеци, годинава поднела 85 кривични пријави, што е еднакво на вкупниот број кривични пријави поднесени во тригодишниот период од 2020 до 2022 година. Како што информира денеска директорот Бобан Николовски, со засилени контроли се постигнати рекордни резултати, а се дејствува на повеќе фронтови за целосно сузбивање на долгогодишните криминали со употребувани возила, злоупотреби и измами со увози на храна, чија цел била избегнување плаќање давачки, со што е нанесена директна штета врз буџетот на државата.

Објавено на

часот

Сподели

Според Николовски, продолжени се предкривичните постапки за криминални дела со употребувани возила.

„Решени сме да се справиме со криминалните банди и да ги наплатиме сите давачки кон државата. Годинава до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за сторени кривични дела со 140 возила, при што директната штета нанесена врз буџетот со избегнување плаќање давачки изнесува 14,7 милиони денари (239 илјади евра)“, истакна директорот на прес-конференција.

Посочувајќи конкретни случаи, Николовски напомена дека е спречен обид за нелегален увоз на половно возило „мерцедес Е 350“, за кое се избегнати давачки од 450.000 денари. Мерцедесот е запленет и веќе се поднесени кривични пријави против девет лица. Во случајот биле инволвирани две шпедиции, една од Скопје и друга лоцирана на Блаце, нотар, тројца царински службеници и еден полициски службеник. Оваа организирана мрежа користела фалсификувана документација и лажни исправи.

„Во секоја етапа од случајот се откриени криминални дејства. Станува збор за грубо кршење на сите закони, при што се извршени повеќе криминални дела, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службена должност и овластување. Но, тука не е битен мерцедесот, туку тоа што постигнавме ефект кон кој се стремевме, зашто системот што го градиме е многу битен“, подвлече Николовски.

Во друг случај, Царината открила дека увозник, со помош на царински застапник, во период од 2022 година до јули 2024 година увезувал автомобили и за нив употребувал лажни податоци за да избегне плаќање на дел од увозните давачки во висина од 1,6 милиони денари. Станува збор за 34 автомобили чија вкупна вредност изнесува 145.251 евро, при што осомничените при царинење, автомобилите ги декларирале како моторни возила за превоз на стоки, со цел избегнување плаќање данок на моторни возила. Од Секторот за контрола и истраги за овој случај дополнително се наплатени 1,6 милиони денари, а до ОЈО Скопје против две правни и две физички лица поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело, „царинска измама“.

„Применуваме сеопфатен пристап за спречување на криминалот. Ги зајакнуваме сите капацитети и внатре, и на граничните премини, и на оние најфреквентните, и на оние со најмал сообраќај, при што ги спречуваме обидите за криумчарење. Последно на ГП Пелинце, каде со години не се памети да има записник за кривично дело, спречен е обид за криумчарење злато и сребро, во вредност од 2,4 милиони денари (39 илјади евра). На овој начин ќе продолжиме да дејствуваме и во иднина координирано и уште посилно, сè со цел – фаќање на сторителите и создавање услови за побезбедно општество како темел за одржлива економија“, потенцира директорот Николовски.

Меѓу сите случаи, Николовски откри и дека во пет случаи при контроли на увоз на месо е остварена дополнителна наплата од 11 милиони денари или 178,9 илјади евра.

За сторителите, како што истакна Николовски, ќе биде поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство, а за еден сторител ќе биде поднесена прекршочна пријава.

„Станува збор за случаи во кои увозници го тарифирале месото со пониски царински стапки за да избегнат плаќање давачки“, информира директорот на Царината на прес-конференција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ