четврток, 1 јануари 2026

Бурна ноќ за лекарите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во другите градови неочекувано мирно

Бурна новогодишна ноќ имале лекарите на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Примени се пациенти од сообраќајни незгоди, пациенти со повреди здобиени од пад од висина, повредени од пиротехника, пациенти во алкохолизирана состојба, како и едно двегодишно дете со повреда во главата од огнено оружје. На Клиниката за токсикологија во текот на новогодишната ноќ биле примени вкупно 31 пациент од кои 13 биле малолетни. Најмладиот пациент има 14 години. Докторите во Клиничката болнива во Битола пак, имале мирна новогодшна ноќ. Мирно било и во Охрид и Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

Дежурните екипи денеска оценија дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со алкохолизирана состојба.

Во текот на ноќта биле евидентирани три сообраќајни незгоди, а околу 20 пациенти со лесни телесни повреди откако биле прегледани, се пуштени на домашно лекување.

Една 17-годишна пациентка од Тетово била примена со тешка телесна повреда и, како што изјавија лекарите, во моментот додека ја даваа изјавата, кај неа се изведувала хируршка интервенција.

Во Скопје не се евидентирани тешки сообраќајни незгоди, а причината за тоа, како што посочија, најверојатно е функционирањето на системот Безбеден град.

На клиниките примени се и тројца политрауматизирани пациенти по пад од висина. Меѓу нив е и 30-годишен маж, пронајден паднат во реонот на Буњаковец, кој бил во животозагрозувачка состојба и кај е него извршена операција на ’рбетниот столб. На Неврохирургија е примен и 16-годишен пациент од Штип, исто така по пад од висина.

Лекарите како тежок случај го посочија случајот со двегодишно дете без познати лични податоци примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето е во животна опасност, а засега нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот.

Во текот на ноќта се регистрирани и осум физички напади. Шест пациенти со телесни повреди се пуштени на домашно лекување, а едно лице имало површна повреда од нож.

Регистрирана е и прострелна повреда во пределот на лактниот зглоб кај пациент од Скопје, а настанот се случил во Прилеп.

Во однос на пиротехниката, лекарите информираа дека вкупно 20 пациенти се примени со повреди, а меѓу нив има и деца на 12 и 13 години кои се згрижени на Детската клиника и кои ќе бидат оперирани.

На Клиниката за трауматологија е примен 69-годишен пациент со повреди на левата подлактица и шака од пиротехника, додека три лица со полесни повреди ќе бидат пуштени на домашно лекување.

На Клиниката за токсикологија во текот на новогодишната ноќ примени се вкупно 31 пациент од кои најмладиот пациент има 14 години.

Доктор Нико Беќаровски денеска во изјава за медиумите информираше дека се работи за 14-годишна пациентка. Од вкупниот број примени пациенти, 13 биле малолетни.

Најстарата пациентка примена на Клиниката за време на новогодишната ноќ имала 44 години.

Поголем е бројот на пациенти од машки пол, односно 21 од пациентите биле машки, а 10 женски.

Сите пациенти се пуштени на домашно лекување.

Докторите во Клиничката болнива во Битола пак, имале мирна новогодшна ноќ.

Во одделението за ургентна медицина не се евидентирани итни случаеви за итна помош, потврдија од битолската Клиничка болница.

„Во текот на ноќта, во ЈЗУ Клиничка болница-Битола немаше акутни состојби, немаше интервенции за пијанства, премногу конзумиран алкохол и слично, како што имало во претходни години, а тоа значи имавме релативно мирна ноќ во болницата, истакна д-р Ненси Лозанче, директорка на ЈЗУ Клиничка болница-Битола.

Мирно било и во Охрид и во Кочани.

Како што истакна портпаролот на СВР – Охрид Стефан Димоски, имало три нарушувања на јавниот ред и мир од кои едно, нарушување со карање и викање пред казино и две нарушувања со физички напад, во ноќен клуб и на паркинг-простор. Едно лице е приведено, а едно се здобило со телесни повреди. Возачите примерни така што „најлудата“ ноќ мина без ниту една сообраќајна незгода.

Спокојно мина ноќта и за вработените во Територијалната противпожарна единица, кои немале ниту една интервенција.

Во охридската Служба за итна мединцинска помош задоволни од тоа како мина новогодишната ноќ. Дежурните медицински екипи со зголемен број повици споредбено со обичните денови, но без поголеми интервенции.

И во Кочани новогодишната ноќ поминала без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, без приведување лица со преголема количина на алкохол во себе, само со приведено едно лице за сообраќаен прекршок.

Во Општата болница со проширена дејност, во службата за Итна медицинска помош биле прегледани вкупно 26 лица.

Кај ниту еден  пациенти не биле евидентирани симптоми поврзана со новогодишната прослава. Укажана била помош на едно лице со полесна телесна повреда добиена во физичка пресметка.

Во кочанската општа болница не биле регистрирани случаи на алкохолна интоксикација.

На Гинеколошко-акушерското одделение немало породувања, па Кочани ќе го почека првото новороденче во 2026 година.

Од ОВР Кочани соопштија дека во текот на ноќта било лишено од слобода едно лице поради опасно однесување во сообраќајот, откако се движело во спротивен правец на кружен тек и по една од градските улици.

Мирна новогодишна ноќ регистрирала и Територијалната противпожарна единица Кочани, која немала интервенции.

Мирно било и во Штип.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев изјави дека новогодишната ноќ за дежурните екипи во болницата поминала работно или како што рече повеќе од очекуваното.

„Имаше случаи на интерно со лесна интоксикација, физички напади имаше повеќе од очекуваното и трауми, односно повреди од алкохолизирана состојба . Сообраќјни незгоди немаше, а сите пациенти се вонживотна опасност“, изјави Захариев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ