За време на денешната посета на новинарите на рудникот Тораница, од компанијата “Булмак 2016“ беа презентирани лабораториските наоди добиени од земените мостри вода веднаш по настанувањето на дефект на водоводна цевка (поставена на околу 2м под земја) на 14 март кога истече јамска (подземна) вода во Тораничка Река.
На новинарите им се обратија Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“, Антонио Антовски, директорот на рудник „Тораница“ – Крива Паланка, како и Љупчо Георгиевски, инженер за животна средина во компанијата.
„Во согласност со добиената А – интегрирана еколошка дозвола со важност до јуни 2026 година, утврдено е дека подземните природни јамски води од рудникот Тораница се зафаќаат со цевковод и се пренесуваат до флотацијата на рудникот за употреба како техничка вода. Дополнително, со дозволата е уредена и процедурата за работа во случај на настанување на евентуални технички проблеми според која, по настанувањето на дефектот на цевководот – пукање на цевка која ја носи јамската вода кон Флотацијата на рудникот, веднаш се преземени сите мерки и запазени се сите протоколи и начини на работа.
По писмен пат известен е Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), со образложение дека е настанат технички проблем. Согласно протоколите за работа, веднаш е сопрен протокот на јамската водата и преминато е кон санирање на дефектот. Целокупното времетраење на излевање на вода како резултат на дефектот се одвивало 30 минути, а истекувањето на вода е целосно сопрено во 7 часот“, велат претставниците на компанијата.
Истечени биле околу 300 м3 јамска вода од цевката директно во Тораничка Река (вода од категорија III). Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошки процес од флотацијата на рудникот Тораница. Тоа значи дека краткорочното заматување на Крива Река е како резултат на поројот од надојдената вода која со себе влечела земја, песок и кал. Исто така, од една точка – пред вливот на Тораничка Река во Крива Река, согласно протоколите за работа и Законот за животна средина земен е примерок од 1,5 литри вода за анализа, кои се понатаму предадени за обработка во акредитираната лабораторија Еуромак контрол.
Добиените наоди од лабораториската анализа, велат од Булмак, укажуваат дека нивото на цијанид е пониско од граничните вредности за води од трета класа како што е Тораничка Река. Односно, граничната вредност за цијаниди за води од трета класа, изнесува 100 микрограми на литар, а измерената концентрација е помалку од 10 микрограми на литар. За илустрација и за да јавноста и граѓаните бидат смирени, измерената концентрација е пониска од граничната вредност за присуство на цијанид во водата за пиење, која согласно Правилникот за барање за безбедност на квалитетот на водата за пиење, изнесува 50 микрограми на литар. Граничната вредност за арсен за води од трета класа изнесува 50 микрограми на литар, а измерената концентрација на арсен е 0,35 микрограми на литар, вредност која е безбедна и помала од граничната од 10 микрограми на литар утврдена со Правилникот за барање за безбедност на квалитетот на водата за пиење. Во моментот кога се земени примероци од Тораничка Река, на гранична вредност за олово од 30 микрограми на литар за води од трета класа измерена е вредност од 52,8 микрограми на литар. За појаснување – самата јамска вода содржи концентрација на различни минерали кои ги апсорбира од природата (Регион со исклучително многу минерали), параметар кој во вакви природни води (и во ваков Регион) варира од 5 до 100 микрограми на литар. Измерената вредност за присуство на цинк изнесува 514 микрограми на литар, наспроти граничната вредност од 3.000 микрограми на литар утврдена со Правилникот за барање за безбедност на квалитетот на водата за пиење, рекоа претставниците на компанијата.
Граничната вредност за никел за води од трета класа изнесува 100 микрограми на литар, а измерената концентрација е помала, односно 2,5 микрограми на литар.
Покрај ова, граничната вредност за манган за води од трета класа изнесува 1.000 микрограми на литар, а измерената концентрација е помала, односно 541 микрограми на литар. Граничната вредност за железо за води од трета класа изнесува 200 микрограми на литар, а измерената концентрација е во рамки на граничната вредност, односно 124 микрограми на литар. Граничната вредност за присуство на жива во води од трета класа изнесува 1 микрограм на литар, додека измерената концентрација е помала од 0,2 микрограми на литар.
На 26 март земени биле мостри вода од две точки – од отпадните јамски води (таложникот на рудникот), класифицирани како води од трета класа (Категорија III), како и од Крива Река, која е класифицирана во втора класа (Категорија II). Анализите покажале дека вредностите од земениот примерок од отпадните јамски води се во нормалата за трета класа вода. Сите измерени вредности од земениот примерок од Крива Река се во нормалата за втора класа вода, со исклучок на евидентирано мало зголемување на кадмиум кој не се експлоатира и не се користи во работењето и технолошките процеси на флотацијата во рудникот, велат од комапнијата и заклучуваат дека „Булмак 2016“ не придонел за загадување на Крива Река ниту пак предизвикал еколошка катастрофа.
И од риболовното друштво „Мрена“ од Крива Паланка велат дека ни на 14 март, ниту пак потоа имало помор на риби во Крива Река.