„Тоа е всушност тоа што го кажувам јас и ние од почетокот – дека да, ќе има предвремени парламентарни избори некаде во март или април. И ова го кажувам најаргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена“, изјави Османи.
Тој додаде дека изјавата на премиерот само го потврдува она на што ДУИ и другите опозициски политички сили укажувале со месеци, дека сегашната влада е нестабилна и неодржлива.
„Се разбира дека на премиерот веројатно му требаа дополнителни аргументи, коишто сега ги гледа на терен, во односот на силите и тоа што се случува. Ситуацијата е неодржлива, и затоа веќе почна и тој да го спрема теренот“, рече Османи.
Тој истакна дека најавените избори ќе бидат можност да се избере нова влада со јасен европски и економски фокус.
„Јас ви тврдам дека предвремени парламентарни избори ќе има во март–април и ќе има нова влада која ќе го откочи европскиот процес, ќе го врати соживотот и економскиот просперитет на земјата“, порача Османи.
Вчера, премиерот Мицкоски, на бизнис – форум во Струмица изјави дека по локалните избори ќе се носат одлуки дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
„Очекувам по овие локални избори да влеземе во еден циклус на засилен инвестициски бран и оној кој ја следи политиката ќе рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе има силна победа, посилна од таа. Барем така зборуваа во 2021 година, и логично е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори за да се обезбеди нов четиригодишен мандат. Ако тоа го гледаме како политичка одлука би се согласил, но ако го гледаме од државна логика тогаш поинаку размислуваме – ние сакаме да ја ставиме државата пред сè и интересот на стопанствениците, за да имате предвидлива иднина, да знаете што можете да очекувате, па дури потоа се обидуваме да го ставиме тој наш политичким интерес. Но, ќе видиме. Прво да се случат работите, па потоа ќе носиме одлуки“, рече премиерот Христијан Мицкоски.






