среда, 21 мај 2025

Бугарија никако не ги „ферма“ европските институции

Рефренот на европските институции и претставниците на ЕУ, упатен до Македонија е редовно насочен кон убедување да биде прифатена преговарачката рамка, т.н. француски предлог и брзо да се спроведат уставните измени со додавање на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, со сите привилегии што произлегуваат од тоа. Всушност тоа е условот на Бугарија за Македонија да ги отвори поглавјата и ефективно да ги започне преговорите за членство во Европската Унија.

Објавено на

часот

Сподели

Македонската страна пак, бара гаранции од Европската Унија дека тоа ќе бидат последните „некопенхашки услови“ што ќе ѝ бидат поставени на Македонија во преговарачкиот процес, со оглед на контроверзното 20-годишно кандидатско искуство на земјата со непринципиелни услови, само за да стигне Копенашките критериуми. Освен тоа, според принципите на меѓународното право, на барањато на Бугарија за внесување на нивното недефинирано малцинство во македонскиот устав, логично е реципрочно признавање на македонското малцинство во Бугарија, или барем спроведување на некоја од 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права (правен орган на Советот на Европа) во корист на македонските здруженија во оваа земја, кои бараат само право на здружување. Европската Унија пак, колку и да звучи нелогично, одговара дека нема инструменти и надлежност да ги спроведува сопствените принципи и критериуми, а не пак меѓународните, врз својата земја членка.

Бугарија не ги спроведува директивите на Европската комисија

Дека не се „празни изговори“, оправдувањата на ЕУ за „немоќта“ пред Бугарија, докажува уште еден неодамнешен случај поврзан со неисполнување на директивите на Европската комисија, од страна на источниот сосед на Македонија, иако од 2007 година ги ужива привилегиите на членството во ЕУ.

Имено, Европската комисија одлучи да поднесе тужба против Бугарија пред Судот на правдата на Европската Унија во Луксембург поради несоодветно усогласување на националното законодавство со Директивата за право на пристап до адвокат и за комуникација по апсењето.

Во одлуката ЕК посочува дека уште во јануари 2017 година покренала прекршочна постапка против Бугарија поради нецелосно спроведување на директивата, по што Софија презела мерки за целосно усогласување. Меѓутоа по разгледување на мерките, Комисијата заклучила дека Бугарија неправилно се усогласила со одредби од директивата за ефективно учество на адвокат за време на сослушување на приведени лица, како и со правилата за отстапувања од правото на бранител во интерес на истрагата.

„Комисијата испрати писмо со формално известување до Бугарија во март 2024 година. Бугарија задоволително одговори на некои од забелешките, пред сè во врска со мерките за информации доставени до одговорното возрасно лице кога лишениот од слобода е дете. Потоа, во октомври 2024 година, Комисијата испрати образложено мислење, повикувајќи ја Бугарија да ги надмине и преостанатите забелешки. По анализата на одговорите, Комисијата заклучи дека Бугарија продолжува да не ги исполнува барањата од Директивата. Затоа, Комисијата одлучи да ја упати Бугарија до Судот на правдата на Европската Унија“, се наведува во образложението на ЕК.

Директивата за право на пристап до адвокат и за комуникација по апсењето е една од шесте директиви што ја сочинуваат правната рамка на ЕУ за заеднички минимални стандарди за фер-судења, со кои се обезбедува дека правата на осомничените и обвинетите лица се гарантирани во доволна мерка.

Оваа директива има за цел да ја зајакне довербата на земјите членки во меѓусебните системи за кривична правда и на тој начин го олеснува меѓусебното признавање на одлуките во кривичните предмети.

Бугарската политика извежбана во манипулација со владеењето на правото и човековите права

Некои од пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија во Бугарија се донесени во 2001 година, но официјална Софија сиве овие години избегнува да ги спроведе. Секако тоа не ја спречува да поставува услови за Македонија во контекст на правата за „новогенерираното“ бугарско малцинство во земјава, толкувајќи го  владеењето на правото и човековите права еднострано, т.е. само онака како што ѝ одговара на Бугарија, злоупотребувајќи го правото на вето во Европската Унија. Однесувањето на Бугарија беше причина за воведување на нов термин во ЕУ, како „билатерализација на проширувањето“, кое очигледно се проширува и на други процеси на функционирањето на Унијата.

Игнорирајќи го однесувањето на Бугарија спрема пресудите на другите европски институции, како Европскиот суд за човекови права, односно Советот на Европа, Европската Унија сега се соочува со истото однесување на нејзината членка спрема директивите на Европската Комисија, па по 7-8 годишно предупредување (молење) решава да ја тужи пред  Судот на правдата на Европската Унија.

„За разлика од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, оние на Судот на правдата на ЕУ во Луксембург се извршни. Но почитувањето на пресудите на европските судови е секако важен показател за владеењето на правото во една држава. Затоа, ако има пресуда за некој случај пред еден меѓународен суд, се смета дека таа треба да биде спроведена и не е вообичаено истиот случај да биде разгледуван од друг меѓународен суд. Неспроведувањето на пресудите на меѓународните судови, го деградира кредбилитетот во однос на владеењето на правото на државата која не ги спроведува, но и  авторитетот на самите меѓународни правни институции“, вели Маргарита Цаца- Николовска, поранешна судијка во ЕСЧП.

Во контекст на претпоставката, дали долгогодишното неспроведување на пресудите на ЕСЧП, во корист на македонските здруженија во Бугарија, може да отвори случај во Судот на правдата во ЕУ, чии пресуди се извршни, адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија во Бугарија,  вели дека досега не постоела таква практика. Од една страна, затоа што овие различни судови се органи на различни европски институции – ЕСЧП на Советот на Европа, додека Судот на правдата е на Европската Унија, но од друга страна и заради почитта на авторитетот на меѓународниот судот кој веќе донел една пресуда.

„Европската Унија е мек систем на конфедерација, која заедничките политики на земјите членки ги спроведува преку директиви. Европската комисија ги дава директивите и се претпоставува дека земјите-членки ги почитуваат обврските кои ги преземале со членството во ЕУ. Кога тоа не е случај, ги упатуваат на Судот за правда во Луксембург чиишто пресуди се извршни,  за разлика на оние од ЕСЧП. Советот на Европа и Европската Унија се посебни европски институции, кои си имаат различни судови за различни проблематики, но си го почитуваат авторитетот на пресудите како на пресуди на меѓународен суд. Па не е вообичаено ако ЕСЧП донел пресуда за еден случај за нарушување на човековите права ( во кои припаѓаат и малцинските права), за тоа да биде отворен случај во Судот на правдата во Луксембург, иако на пример пресудите за македонските здруженија на ЕСЧП во Бугарија не се спроведуваат со децении. Но тужбата на Европската комисија за Бугарија за неспроведување на нејзините директиви само потврдува дека во оваа земја-членка на ЕУ нема владеење на правото, ниту пак се почитуваат човековите права. Таквото однесување на Бугарија го поткопува авторитетот на ЕУ, но и манипулира со принципот на владеење на правото на кој се потпира функционирањето на меѓународните институции“, вели адвокатот Тони Менкиноски.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ