недела, 18 мај 2025

Бугарија не пoкренува иницијатива, а ја обвинува Македониија за неградењето на пругата од коридорот 8

Не слегнува прашината околу прашањето за изградба на пругата кон Бугарија, но и онаа кон Албанија. Политичките препукувања не престануваат, а трпат регионалното железничко поврзаување, македонската економија и развојот на економиите во регионот. Од министерството за транспорт и врски велат дека досега се испратени над 15 дописи до бугарската страна, ама одговор нема.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството за транспорт и врски велат дека што се однесува до пругата кон Бугарија испратени се над 15 дописи до бугарската страна, но нема одговор. Оттаму дополнуваат дека веројатно Бугарија не сака да гради, бидејќи „покажа несериозност по повиците за средби и фактот дека го откажа проектот за реконструкција на пругата Софија-Перник“.

„Очигледно е дека Бугарија не сака да ја гради пругата, иако шпекулираат. Самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, многу говори за судбината на проектот – вели вицепремиерот и додава дека Македонија е со цврста заложба за доизградба на пруга на коридорот 8. Решението е многу едноставно. Има шпекулации зошто е така, но не сакам да се служам со шпекулации од причина што би бил несериозен. Фер е да се видиме и да ни кажат. Значи повторувам, ако бугарската страна сака да гради пруга, пруга ќе има и ќе се изгради. Што се дела, што се зборови? Зборови се вакви провокативни изјави од бугарска страна, а дела се дека Софија-Перник нема да се реконструира, затоа што парите ги тргнаа и ќе ги вложуваат во Софија-Бургас, а Македонија во моментов е единствена земја што гради железница на коридорот 8. Ниту Албанија гради, ниту Бугарија гради. Ние во моментов пуштивме во функција во јануари еден дел од пругата, сега го градиме вториот дел. Бугарија не гради ништо, Албанија не гради ништо“, велат од министерството.

За премиерот Христијан Мицкоски причините за кочењето на изградбата на железничката пруга кон Бугарија се неразбирливи. Тој признава дека нема интерес да се гради оваа пруга, иако на НАТО-самитот во Вашингтон минатата година заедно со министерот за транспорт Александар Николоски го потпиша договорот, кој претставува приоритет за НАТО, затоа што тоа е суштина за јужното крило на НАТО, за снабдување, а најголем дел од пругата е во Бугарија.

„Но недостасуваат и иницијатива и јасна порака и заложба кај нашиот западен сосед, иако и тие го потпишаа овој договор. Суштината е да се поврзе коридорот да функционира од Варна до Драч, за да се користи за карго-превоз, не е суштината да ја поврземе Крива Паланка со Скопје со железница. Не е јасно зошто не сакаат и не преземаат чекори, оти и двете страни ги насочија силите кон други делници од железничката инфраструктура во нивните земји“, изјави Мицкоски во телевизиско гостување.

Ништо подобро не е ниту со коридорот 10. Од Министерството за транспорт признаваат дека е исто така значајна железничка рута, која ја поврзува Македонија со Солунското пристаниште, но по должината на оваа траса се вози бавно, поради нередовното одржување на пругите.

„Сега се цели кон забрзување на возовите и се преземаат некои мерки за реконструкција, но и понатаму останува отворена дилемата дали тоа ќе биде доволно, бидејќи ова не е прва реконструкција на пругите и не е прво ветување на надлежните, иако сега станува збор за нова гарнитура, дека состојбите ќе се подобрат“, велат од министерството.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ