среда, 28 мај 2025

Бугарија и Грција вознемирени што хрватскиот претседател Милановиќ вели само – Македонија

Бугарските и грчките медиуми се вознемирија од „советите“ што хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ги упати на вчерашната официјална посета на Македонија, за да не потклекнува на уцените во евроинтегративниот процес.  Од Бугарија, Милановиќ го обвинија за мешање во бугарско-македонските односи со советите до Македонија да си ги гледа сопствените интереси и да не подлегнува на уцените од Европската Унија. На Грција пак ѝ пречи што хрватскиот претседател Македонија ја нарекува со името од пред Преспанскиот договор.

Објавено на

часот

Сподели

„Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој е во посета на Северна Македонија, направи многу сериозен политички и дипломатски фаул. И покрај она што експлицитно го наведува Преспанскиот договор, кој претставува меѓународен договор и право на Европската Унија, тој не го употреби уставното име ‘Северна Македонија’, туку зборот без географската одредница“, пишува весникот „Триасио“.

„Всушност, неговите изјави за време на разговорите со претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска, исто така се окарактеризирани како провокативни од страна на Бугарија“, се додава во написот.

Под наслов „Претседателот на Хрватска се меша во бугарско-македонските односи“, од вебстраницата „Актуално“ го потенцираа токму наведениот совет од Милановиќ.

„Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се чини дека се меша во бугарско-македонските односи. Иако нагласи дека не е насочено кон Бугарија, тој ѝ советуваше на Северна Македонија да биде што е можно посебична на патот кон Европската Унија, односно да не дозволи да биде жртва на изнуда и рекетирање кога станува збор за членството во ЕУ“, известува порталот за посетата на шефот на хрватската држава на Скопје.

Милановиќ од главниот град на Македонија порача дека не верува оти сите совети што таа ги добива од Брисел, од нејзините соседи и од меѓународната заедница се паметни и корисни и ѝ советува да ги прифати со резерва и да прави што сака, нагласуваат во написот на „Актуално“, кој не ја одмина ниту македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова.

„Македонската претседателка се надева на разбирање од земјите-членки на ЕУ во врска со ‘проблемот што ја спречува Македонија да се приклучи кон ЕУ’ и се надева дека разбирањето ќе дојде и од соседите, што значи дека ќе има чекор напред во добрососедските односи. Се чини дека нејзината изјава е насочена кон Софија и, според неа, проблемот е кај Бугарите, а не во недостигот од политичка волја кај македонските политичари за да го променат својот устав“, се заклучува во текстот.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ