Во образложението на одлуката на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) меѓу другото се наведува дека пари нема уште со стапувањето на сила на Законот за извршување на буџетот за 2024 година, додека пак за 2025 година, согласно известувањето од Министерството за финансии за 130 слушатели во почетна обука за 2025 година исто така не биле обезбедени пари. Од Академијата тврдат дека пари за обуката биле навреме побарани, но од Министерството за финансии (МФ) не им биле одобрени.
„Прашањето за статусот на деветтата генерација – 130 слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители беше редовно разгледувано на седниците на Управниот одбор на Академијата. Во ситуација кога јавниот оглас за прием во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители бил објавен врз основа на проекциите на Судскиот совет на РСМ и Советот на јавни обвинители на РСМ за почетна обука за 2023/2024 година, а приемниот испит сѐ уште не е завршен, истото упатува на тоа дека проекциите врз основа на кои бил објавен јавниот оглас се променети“, пишува во дел од одлуката на Управниот одбор на АСЈО.
Од Министерството за финансии, пак, тврдат дека пари за Академијата за судии и јавни обвинители има.
„Во рамки на Буџетот, се буџетирани средства односно утврдени лимити во чии рамки самиот буџетскиот корисник ги утврдува приоритетите и програмите за реализација. Со Буџетот за 2026 година се обезбедени се средства за Академијата за судии и јавни обвинители и во рамки на тие средства Академијата треба да обезбеди средства за реализација на своите програми“, пишува во кусиот одговор што МФ го достави до МКД.мк.
Нема пари, нема одговорност, нема чекор напред кон ЕУ
Во најновиот Извештај за владеење на правото на Европската комисија (ЕК) за 2025 година, меѓу другото, беше забележан значителен застој во процесот на регрутирање на нови генерации слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители, што според ЕК беше оценето како клучен проблем во правосудниот сектор.
„Квалитетот на правдата треба да се подобри. Недостигот на персонал во правосудството продолжува да биде загрижувачки. Вработувањето на најголемата досега генерација во Академијата за судии и јавни обвинители (130 кандидати), кое беше суспендирано за време на изборниот период во мај 2024 година, остана во мирување бидејќи не беа обезбедени соодветни буџетски средства во државниот буџет за 2025 година или во неговото дополнување. Академијата треба да продолжи да биде единствената влезна точка во правосудството и обвинителството и нејзината почетна обука не треба да се скратува“, се наведува во извештајот на ЕК.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што реформите во правосудството се едно од клучните барања во процесот на европска интеграција. Недостигот од судии и обвинители веќе е нотирано како проблем во извештаите на Европската комисија, а ваквиот застој може дополнително да ја влоши состојбата.
Оваа забелешка предизвика реакции, со различни оценки околу тоа кој е одговорен за состојбата.
Универзитетскиот професор Јове Кекеновски вели дека извештајот на ЕК не ја одразува вистинската одговорност на Владата, туку ја претвора во „вина“, нешто што во реалноста е технички пропуст, а не политички проблем.
„Државата никогаш не била ставена во позиција да одлучува, а сепак е посочена како одговорна. Ова не е само фактичка неточност — ова е опасна замена на одговорност“, вели Кекеновски.
Во конкретниот случај, вели Кекеновски, застојот произлегол од тоа што не биле навреме побарани пари, а барањето требало да биде доставено од страна на АСЈО до Министерството за финансии.
„Проблемот не лежи во тоа што Владата не обезбедила средства, туку што тие средства не биле побарани навреме, согласно со законските обврски. Каде бил европскиот мониторинг кога менаџерскиот пропуст се случувал во реално време“, прашува Кекеновски.
Одговорноста, според него, не може да се сведува само на генерална „вина на државата“ ако во реалноста бирократски пропусти ја оставиле Академијата без потребните пари.
„Надзор без одговорност создава институционална колективна сенка и ја ослабува веродостојноста на институциите“, вели Кекеновски.
Судската заштита на граѓаните е на стаклени нозе
Академијата за судии и јавни обвинители е единствениот законски пат за влез во судската и обвинителската професија. Со тоа, секое стопирање на нејзината работа директно значи стопирање на обновата на судскиот кадар во држава во која судовите веќе работат со сериозен недостиг од судии, а предметите се влечат со години, предупредуваат експертите.
Ивана Петковска, правна аналитичарка, вели дека со оглед на тоа што процесот за избор на нови слушатели за судии и јавни обвинители во Академијата сѐ уште е заглавен, очекувано е да влијае негативно на работата на судовите и јавните обвинителства.
„Во неколку наврати досега е алармирано за недостигот од судии и јавни обвинители како и стручен кадар, но очигледно е дека не постои политичка волја за надминување на овие состојби. За жал, крајниот исход ќе биде тоа, граѓаните да се соочуваат со долги судски процеси и неефикасна судска заштита на нивните права. Дополнително, со ваквото одолговлекување на приемот на нови слушатели на Академијата, нова генерација на судии и јавни обвинители олигледно е дека не би можеле да очекуваме пред 2030 година. Процесот на прием на слушатели, приговори и тужби, двегодишната обука, завршниот испит и изборот на кандидати е процес кој ќе трае повеќе од три години, ако направиме паралела со претходните генерации на Академијата“, вели Петковска.
Академијата чија основна цел е да обучува нови судии и обвинители е без студенти од крајот на минатата година кога заврши осмата генерација. Според податоците на Судскиот совет, од вкупно 639 судиски места, недостигаат 209, или една третина од вкупниот број потребни судии.
Искра Опетческа






