сабота, 6 декември 2025

Британска амбасада: Македонија и Британија соработуваат во борбата против нерегуларната миграција

Во врска со вчерашните објави на дел од британските медиуми и реакциите во Македонија за отворање мигрантски кампови, Британската амбасада на социјалните мрежи објави статус во кој посочува дека двете земји имаат воспоставено стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„По клучната средба меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, Велика Британија и Северна Македонија воспоставија стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји. Како дел од ова, двете земји потпишаа партнерство Влада со Влада за реализација на критични инфраструктурни проекти во земјава. Оваа соработка беше зајакната и од двајцата премиери за време на средбата во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Британија во октомври оваа година. Дополнително, двете земји соработуваат преку заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста и справувајќи се со криминалните мрежи. Ние стоиме цврсто со нашиот македонски сојузник во НАТО во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и економскиот раст“, пишува во објвата на фејсбук профилот на Британската амбасада.

Амбасадорот Метју Лосон на заедничката прес-конференција во мај со премиерот Христијан Мицкоски, на која беше претставен Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји, ги демантираше информациите во некои медиуми дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти и кажа дека суштината на ова стратешко партнерство се инвестиции, раст на економијата.

„Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Станува збор за полициска соработка, борба против криминални мрежи и споделување разузнавачки податоци“, рече Лосон.

Велика Британија би можела да ги депортира одбиените баратели на азил во Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот, објави вчера британскиот весник Дејли мејл. Според весникот, Македонија есенва и формално ги отпочнала разговорите со Велика Британија. Ваквиот развоја на настаните доаѓа откако во мај годинава и премиерот, Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт, Алкесандар Николоски негираа дека Македонија ќе прифати нелегални мигранти кои што не добиле азил во Велика Британија.

Реагираа од СДСМ кои го нарекоа Мицкоски предавник јој ја продал Македонија за пари.

„Предавникот Мицкоски, кој се колнеше во татковина и викаше дека ‘шанса нема’ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Со ова предавство државата станува отпадна периферија на Европа. Според текстот, разговорите почнале уште во раната есен, во период кога Мицкоски во земјата глумеше патриот и уверуваше дека нема да се отвораат кампови. За секој примен мигрант, Мицкоски и владата ќе добиваат пари од Британија. Тоа значи дека Мицкоски ја продава државата, ја претвора во мигрантски логор за ситни пари. Ова е трговија со суверенитетот, со безбедноста и со иднината на нашите граѓани!“, реагираа од СДСМ.

Веднаш по ова вратија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од “фабриката” на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ