„Кога зборуваме за енергетската транзиција, не зборуваме само за технологии, мегавати и инвестиции. Зборуваме за луѓе, за заедници и за можности. А токму тука, улогата на жените е незаменлива“, рече Божиновска.
Таа нагласи дека и покрај напредокот, жените и натаму се недоволно застапени во енергетскиот сектор, особено на технички и раководни позиции, и додаде дека се потребни системски чекори за промена на оваа состојба.
„Ако сакаме повеќе жени во енергетиката, мораме да дејствуваме системски – да ги охрабруваме девојчињата да избираат технички и научни професии, да создадеме програми за менторство и професионален развој и да обезбедиме фер и транспарентни можности за напредување“, рече Божиновска.
Упати порака до младите жени да бидат храбри и да не се плашат да влезат во области кои традиционално се сметале за машки.
„Енергетиката има потреба од вашата креативност, вашата визија и вашата храброст. Вие сте идните инженерки, експертки, претприемачки и лидери. Вашето време започнува токму сега“, порача Божиновска.
Таа нагласи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) останува посветено на создавање услови за поголема инклузивност во секторот, со поддршка на иницијативи кои ги охрабруваат жените активно да учествуваат во енергетската транзиција и развојот на зелената економија.
На настанот, информираат од МЕРМС, беше претставен и регионалниот проект „Жените во енергијата – WIN“, чија цел е зајакнување на улогата на жените во енергетиката преку обуки, вмрежување и градење знаења за нови можности во секторот, вклучително и учество во енергетски заедници и развој на проекти во обновливите извори.






