Целта на посетата, како што се наведува во соопштението од Министерството, била размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка.
Во состав на делегацијата биле и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа.
Во рамки на работната посета била остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
„Делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура“, велат од Министерството.
Посебен акцент бил ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата, како што се наведува во соопштението, била изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага, како што стои во соопштението, претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.






