„Претставниците на компаниите истакнаа дека се сериозно заинтересирани да го зајакнат своето присуство и инвестиции во Македонија, почитувајќи ги националните закони и европските стандарди за заштита на животната средина, безбедност и социјална одговорност“, соопшти Министерството.
На средбата со Пацифик грин, компанија специјализирана за развој на системи за складирање на електрична енергија и интеграција на обновливи извори, се посочува во соопштението, разговорот беше фокусиран на можностите за примена на батериски системи за складирање енергија, кои се клучен сегмент во модерната енергетика. Министерката Божиновска истакна дека со новиот Закон за енергетика, Македонија за првпат предвидува воведување на батериски системи за складирање енергија, со што државата фаќа чекор со современите светски трендови и создава услови за поефикасно користење на обновливите извори и стабилен електроенергетски систем.
„Македонија ја гледаме како земја која создава предвидлива и транспарентна рамка за инвеститорите. Новиот законски и институционален амбиент овозможува инвестиции кои се во согласност со највисоките стандарди на одговорно рударство, енергетска безбедност и заштита на природата“, изјави министерката Божиновска.
Компаниите Англо Американ и ЦАМЛ, кои веќе имаат присуство во земјата, се додава во соопштението, го поздравија донесувањето на новиот Закон за минерални суровини, со кој се воспоставуваат јасни и транспарентни правила за работење, што ја зајакнува довербата кај странските инвеститори и го поттикнува развојот на модерно и еколошки одговорно рударство.
„Раководните лица на двете компании го изразија своето задоволство од формирањето на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, оценувајќи дека воспоставувањето на посебна институција која се грижи исклучиво за овој сектор е значаен чекор за подобра координација, брза комуникација и стратешко управување со ресурсите. Тие ја изразија својата благодарност за професионалниот пристап на министерството и ја оценија оваа институција како место каде што инвеститорите конечно имаат конкретен и компетентен партнер за соработка, поддршка и решавање на прашања од областа на енергетиката и рударството“, се посочува во соопштението.
Министерката Божиновска, како што се вели, нагласи дека Владата е посветена на тоа Македонија да биде партнер на сериозни и одговорни компании, кои работат според европски стандарди, вложуваат во иновативни и еколошки технологии и придонесуваат кон локалниот економски развој.
„Нашата визија е јасна – да ја изградиме Македонија како регионален пример за балансиран развој на енергетиката и рударството, каде што економскиот раст оди рака под рака со заштитата на животната средина и благосостојбата на заедниците“, додаде министерката Божиновска.
Англо Американ, ЦАМЛ и Пацифик грин се препознаени како современи компании што ја интегрираат одржливоста, безбедноста и иновациите во своето работење, со што го потврдуваат потенцијалот за натамошна, продлабочена соработка со македонскиот енергетски и рударски сектор.






