На терен, министерката Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет“, истакна министерката Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.

При посетата, министерката Божиновска беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Оваа посета е дел од заложбите на министерката Божиновска за редовна посета на енергетските капацитети со цел дирекно запознавање со состојбите и редовен увид, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.






