Станува збор за план што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Во согласност со законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3 отсто од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција“, соопшти Министерството за енергетика.
На средбата, се додава во соопштението, беше истакнато дека во моментот е во подготовка таканаречената scoping-студија (студија за определување опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
„Со ова државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови во согласност со европските климатски политики. Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација, со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“, се потенцира во соопштението.






