четврток, 18 декември 2025

Божиновска – Медеб: УНДП ќе продолжи да биде стратешки партнер на Македонија во транзицијата кон зелена економија

Во рамки на форумот ИФФСД-14 во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари билатерална средба со Риад Медеб, директор на Хабот за одржлива енергија при Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Објавено на

часот

Сподели

На средбата присуствуваше и Армен Григорјан, постојан претставник на програмата за развој на Обединетите нации УНДП во Македонија.

Разговорите беа насочени кон продлабочување на соработката меѓу Министерството и УНДП во повеќе приоритетни области – енергетска ефикасност, дигитализација, сајбер безбедност и развој на човечкиот капитал.

Директорот Медеб ја пофали Македонија за проактивниот пристап во развојот на локални енергетски заедници и истакна дека новиот закон за енергетика е напреден и создава солидна основа за понатамошен развој на енергетскиот сектор.
Тој нагласи дека УНДП ќе продолжи да биде стратешки партнер на земјата во транзицијата кон зелена економија, со поддршка за имплементација и усогласување на регулативата со европските стандарди.

Министерката Божиновска ја истакна важноста на дигитализацијата и сајбер-безбедноста во енергетските компании и институции, потенцирајќи дека тоа е предуслов за финансиски одржливи и транспарентни проекти.
Во фокус на разговорот беа и новите технологии и можностите за примена на вештачка интелигенција (AI) за подобрување на енергетската ефикасност – преку предвидување на потрошувачката, оптимизација на ресурсите и автоматизација на системите за управување со енергија.

Посебен акцент беше ставен и на јакнењето на капацитетите и вклучувањето на жените во праведната енергетска транзиција, како и на развивање на програми за обука и образование во областа на одржливата енергија.

Во насока на поттикнување на иновациите, беше предложено и воспоставување на „Лабораторија за иновации во енергетиката“, која би служела како простор за тестирање нови технологии, поддршка на стартапи и промовирање на одржливи решенија.

Министерката Божиновска нагласи дека Македонија е подготвена да биде партнер на УНДП во развој на вакви модели, кои ќе го забрзаат процесот на енергетска транзиција и ќе го зајакнат човечкиот и технолошкиот потенцијал на земјата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ