Во рамки на посетата, Божиновска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека е време не само ентузијасти, поединци и невладини организации да го промовираат овој уникатен камен, туку и државните институции активно да се вклучат.
Министерството, како што е наведено во соопштението, веќе работи на координирање на сите релевантни институции – заедно со Геолошкиот завод на Македонија – со цел македонскиот рубин да добие официјален статус на заштитено национално минерално наследство.
„Посетата беше збогатена со присуството на амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, како и на Грегоар Егороф, претставник на Националниот музеј за природни науки во Париз. Егороф на галеријата и донесе ретки примероци на камења и минерали од Франција – меѓу кои и каменот со кој се изградени катедралата Нотр Дам и Елисејската палата – а како автор на книга за минералите на Европа, најави дека размислува во следното издание да го вклучи и македонскиот рубин“, се вели во соопштението.
На настанот присуствувал и директорот на Геолошкиот завод Ивица Андов, кој дал стручна поддршка за иницијативата и ја нагласи научната вредност на рубинот.
„Посебен впечаток остави долгодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој детално ја раскажа историјата на секој примерок и ја претстави изработката на уметнички клуч во кој се вградени македонски рубин, амазонит и сите други минерали од нашето тло. На прашањето на амбасадорот Ле Риголер што симболично „отвора“ овој клуч, одговорот беше: ‘Срцето на македонскиот народ, а ако сакаме – и тајните на нашата преубава земја’“, се наведува во соопштението.
Македонскиот рубин, познат и како корунд со карактеристична црвена боја, е геолошки уникатен, се наоѓа единствено во околината на Прилеп и во планините околу Мариово и е единствен рубин во Европа кој природно се вади и обработува. Освен естетската и колекционерска вредност, тој е дел од културното и историското наследство на нашата земја.
Министерката Божиновска порачала дека ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост.