понеделник, 15 декември 2025

Божиновска: Македонија активно работи на пазарна интеграција за поодржлива иднина

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на неформалниот министерски совет на Енергетската заедница, кој се одржа во Атина, информираа од Министерството за енергетика.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој значаен настан, одржан по повод 20-годишнината од формирањето на Енергетската заедница, собра министри од земјите-членки за да разговараат за клучните чекори кон целосна интеграција на електроенергетските пазари меѓу Европската Унија и Договорните страни“, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Министерката Божиновска имала обраќање во кое ја истакна посветеноста на Македонија кон заедничката визија за поинтегрирана, почиста и побезбедна енергетска иднина. Во фокусот на дискусиите било забрзувањето на пазарното поврзување, што ќе го поддржи климатското усогласување и ќе ја зајакне енергетската безбедност на регионот. Министерката ги презентирала постигнувањата на Македонија, вклучително и назначувањето на МЕМО како Номиниран оператор на пазарот на електрична енергија (НЕМО) во јуни 2025 година, како и напредокот во усвојувањето на законодавството и соработката со АЦЕР, ЕНТСО-Е и регионалните партнери.

Покрај пазарната интеграција, на Советот се разговарало за еколошките реформи и климатските цели. Министерката нагласила дека Македонија, со поддршка на Енергетската заедница, активно работи на имплементација на европските директиви за проценка на влијанието врз животната средина, квалитетот на воздухот, контролата на емисиите од големите постројки за согорување и стратешкото еколошко планирање. Овие мерки придонесуваат за почиста животна средина, поздрави заедници и долгорочна енергетска стабилност.

Дваесетгодишнината на Енергетската заедница била можност да се оддаде признание на досегашните успеси и да се потврди заложбата за понатамошна соработка. Министерката Божиновска изрази благодарност за клучната улога на Енергетската заедница во поддршката на реформите и интеграцијата на Македонија кон европските стандарди, нагласувајќи ја важноста на заедничките напори за постигнување на целите за декарбонизација и климатска неутралност, посоувајќи оти земјава останува посветена на визијата за енергетски интегрирана и одржлива Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ