Министерката Божиновска потенцираше дека Министерството е целосно вклучено во спроведувањето на проектите од „Планската програма за почист воздух 2024 – 2030“, кои директно таргетираат намалување на загадувањето преку инвестиции во почисти извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Таа посочи дека Министерството активно работи на повеќе фронтови, субвенционирање на топлински пумпи и гасни котли во домаќинства, развој на гасни когенеративни централи во урбани средини, модернизација на системите за греење во јавниот сектор преку проектот „Државата не загадува – водиме со пример“, електрификација на такси флотата, како и поддршка за граѓани и бизниси преку Green Finance Facility иницијативата.
„Како Министерство, ние сме целосно свесни за влијанието кое традиционалните енергетски капацитети го имаат врз квалитетот на воздухот. Но сакам да бидам децидна – проблемот не лежи само во возраста на енергетските капацитети. Она што навистина ја продлабочи кризата на загадување е и негрижата и свесната злоупотреба на системот – користење на штетни горива од сомнително потекло, само за лична или имотна корист. Да ве потсетам на последниот случај за кој Обвинителството води постапка – набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти во земјава. И тоа не еден туку мрежа на увозници кои, спротивно на законот, испорачувале горива што не ги исполнуваат ниту основните еколошки стандарди. – а цената, како и секогаш, ја плаќаат граѓаните, со своето здравје и со загадената животна средина. Вакви случаи покажуваат колку е важно да воспоставиме систем кој не дозволува злоупотреби. Тоа е и суштината на новиот Закон за енергетика – строга контрола и јасни еколошки стандарди“, изјави Божиновска.
Божиновска истакна и дека Министерството работи на обезбедување пристап до природен гас како транзиторна алтернатива и паралелно инвестира во обновливи извори.
„Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа, стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи. Регионалната соработка е клучна. Изградбата на нови интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи ќе го зацврсти регионот и ќе ги отвори вратите за поголеми инвестиции“ додаде таа.
Енергетската транзиција е наш најсилен инструмент за да обезбедиме почист воздух, поздрави заедници и одржлива иднина. Ние не бегаме од одговорноста што ја носи минатото, но ја користиме секоја можност да изградиме одржлива иднина истакна Божиновска и упати апел за координирана акција на сите сектори.
„Не може ниту едно министерство само да се справи со аерозагадувањето. Потребна е координирана акција, од централно до локално ниво“ изјави Божиновска.
Пред пратениците се обрати и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
„Детектираме слабости, при што можеме да порачаме дека Царинската управа во изминатиот период гледа и делува како во рамките на царинската постапка, така и надвор од неа, сè со цел максимално сузбивање на криминалните дејства. Притоа за ниту еден што се обидува да го избегне законот нема простување. Она што порано значело ситен прекршок или враќање на цистерна со мазут каде се откриени неправилности во делот на квалитетот, сега може да му порачаме дека доколку биде откриен ќе одиме подлабоко со истрагата при што ќе ги вклучиме и останатите институции. Целта е ваквите криминални дејствија да бидат најстрого санкционирани. Веќе иницијално разговаравме и со Регулаторна Комисија за Енергетика, како надлежна институција за издавање лиценци, секогаш кога ќе откриеме и ќе утврдиме неправилности во делот на квалитет, но и во делот на погрешно тарифирање, да ги информираме. За истото ќе склучиме и Меморандум за соработка. Системскиот пристап што го применуваме е многу важен бидејќи само така создаваме одржливо и безбедно општество“, истакна Николовски.
Николовски потенцира дека годинава во царинската лабораторија во постапка за увоз, анализирани се 110 мостри од различни видови течни горива и сродни производи. Ова претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на анализираните мостри во споредба со целата 2023 година, кога биле анализирани 48 мостри. Притоа само во еден случај е променета тарифната ознака, при што производот нема влијание врз загадувањето. Во 2024 анализирана е 91 мостра.
Директорот Николовски истакна дека во завршна фаза е изготвување на Нов Царински закон усогласен со Царинскиот закон на ЕУ и заснован на новонастанатите општествено – економски односи. Суштината е подобрување на условите за водење бизнис и побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, преку создавање на целосно дигитално царинско работење во секој сегмент, целосна усогласеност со системите што се користат во ЕУ на чија имплементација веќе работиме, како и поголема сигурност на стоките што влегуваат и излегуваат од државата. Воедно, како што рече, со донесувањето на Законот за климатска акција, на Царинската управа ќе и се даде многу важна улога во ефикасно спроведување на механизмот за наплата на јаглеродна давачка. Даночењето на јаглеродот треба да има значајна улога во стратегијата за декарбонизација.
„Сериозно сме посветени на исполнување на нашите обврски кои се подвлечени со Парискиот Договор, при што говориме за вистинска трансформација на нашата економија во наредниот период. Ова е тоа што го прави Европа, и ова е тоа што ние го правиме“, истакна Николовски пред пратениците.