Тој и на минатото рочиште не беше во добра здравствена состојба, па често влегуваше и излегуваше во текот на судењето. Според последните информации, обвинетиот Милковски се наоѓа на болничко лекување. Следното рочиште за трагедијата со 63 жртви и над 200 повредени лица е закажано за 25-ти февруари кога треба да се продолжи со сослушување на другите сведоци на Обвинителството.
Според обвинителниот акт, обвинетиот Гроздан Милковски со умисла му помогнал на првобвинетиот Дејан Јованов, газда Деко со тоа што, му дал на располагање средства при реконструкција со пренамена на објектот, односно дозволил во период од 2012 до 16 март 2025 да започне со градежни активности за вршење на угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена.
Обвинителството вели дека тој како сопственик на објектот не поднел барање до градоначалникот на Кочани за реконструкција со пренамена на објектот, односно постапиле спротивно на членот 97 од Законот за градење, со што влијаеле на механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата. Со ова, овој обвинет му овозможил на газда Деко незаконито да врши угостителски услуги, иако бил свесен дека таквото помагање може да наштети и да настапат штетни последици.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката Пулс во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
К.Д.






