Во моментов не се враќам во затвор, не се враќам зад решетки туку одам во борба пред судовите за да ја обжалам петгодишната казна затвор што ми беше изречена за случајот Меѓународен сојуз, изјави синоќа Бојан Јовановски – Боки 13 после промоцијата на неговиот документарен филм „Recket“. Во филмот, Јовановски ја документира неговата голгота низ судско-обвинителските лавирнити откако во летото 2019 година беше уапсен, а потоа осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“ и пет години затвор за случајот „Меѓународен сојуз“. Освен за личната приказна како човек, Јовановски во филмот изнесува сериозни обвинувања против поранешни функционери на СДСМ, за нивни роднини и бизнис партнери за кои тврди дека се дел од криминално-мафијашка структура.
Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев, поранешниот министер за здравство и актуелен претседател на СДСМ Венко Филипче, поранешниот пратеник Александар Кирацовски и бизнисменот Зоран Милески Кичеец се дел од криминална мрежа која рекетирала бизнисмени, тврди во својот документарен филм сопственикот на поранешната 1ТВ, Бојан Јовановски во документарниот филм „Recket“ кој синоќа беше промовиран во Скопје.
И Филипче бил дел од рекет шемата?
Во првиот дел тој раскажува за снимените разговори кои ги имал Заев и со кои тој тргувал со повеќе работи, како на пример, промена на името, промена на закони…
„Зоран Заев ги имаше сите снимени разговори коишто ги предаде во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги имаше во копија селектирано. Предаде 600 и кусур илјади разговори, бидејќи имаше околу два милиони. И со истите тие снимени разговори тргуваше до последниот ден, дали ќе биде тоа закон во прашање, промена на име. Катица Јанева токму за тие снимени разговори водеше предистрага и тогаш беше донесена наредба за истрага која водеше до Зоран Заев“, вели Боки 13 во документарниот филм.
Исто така, тој во филмот, покажува фотографии од актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче за кои, Боки 13 тврди дека се направени во неговиот дом и притоа нарекувајќи го Филипче, најпослушен премиер на Зоран Заев кој бил поставен од поранешната претседателка на СДСМ, Радмила Шеќеринска, кој кога насетил моќ и пари се приклучил кон „кланот на Заеви“.
„Филипче беше во мојот дом, кој, да не кажам секој ден, но ми беше чест гостин. Ова се фотографии од кај мене, најпослушниот министер на Зоран Заев кој беше поставен од Радмила Шеќеринска. Но, потоа Венко Филипче некако се дистанцираше од Шеќеринска и се приклони кон колонот Заеви, бидејќи таму насети моќ, пари а Венко е љубител на пари“, вели Јовановски.

Прашан во кој контекст се споменува Шеќеринска, Боки 13 вели дека таа во документарниот фил се споменува неколку пати.
„Јас преку неа се збилижив со СДСМ, всушност. Таа е мојот спој со СДСМ, па подоцна некако јас продолжив со Зоран Заев“, рече Јовановски.
Исто така, Боки 13 наведува дека Филипче не потпишувал ниту еден документ без да придобие пари, со што потенцираше дека здравството е уништено токму поради него.
„Венко не потпишувал никаков акт без да земе пари, ништо како министер за здравство не правел за без пари, што со знаење на Заев што без знаење, што си се криеле еден меѓу друг, здравството е уништено од Венко Филипче“, рече Јовановски.
Од 70 кривични пријави до обвинителството ниту една не е процесуирана
На прес конференцијата по завршувањето на промоцијата, Боки 13 се осврна и на 70-те кривчни пријави што ги поднесе до Јавното обвинителство и кажа дека пријавите се однесуваат на кои главно се поврзани со СДСМ, директно или индиректно. Станува збор за функционери, членови на партијата, меѓусебно поврзани со бизнис или роднински релации.
„Тоа се луѓе кои што имаат поврзани дејствија на извршување на кривичните дела и тоа се луѓе кои главно се поврзани со СДСМ, директно или индиректно. Станува збор за функционери, членови на партијата, меѓусебно поврзани со бизнис или роднинаски релации“, рече Јовановски.
Тој уште кажа дека за сите обвинувања има докази кои ги доставил до Јавното обвинителство.
„Секоја кривична пријава што сум ја доставувал до обвинителството била документирана со материјални докази. За последните четиринаесетина пријави што ги поднесов минатата година, за дел од нив приложив докази, дел од нив ќе ги приложам кога ќе добијам одредени гаранции. Многу пати сум се обидел да добијам одговор до каде е работата со поднесените кривични пријави. Информирам сум дека сѐ уште нема јавнообвинителска резолуција и дали воопшто ќе се покрене истрага. Се води предистрага која може да оди до бесконечност и која е тајна, па потоа да се поведе истрага. Но, како што може да видиме, а тоа го зборувам и во филмот, до ден денеска такво нешто нема. Но, бездруго, и да не сум поднел кривични пријави, може да примени началото на допрен глас. И доколку од сето ова што го кажав има пет отсто виситна тогаш има основа да се отворат предмети за извршени кривични дела“, рече Јовановски.
Не се враќам зад решетки
Зборувајќи за последната пресуда од пет години казна затвор за случајот Меѓународен сојуз, Јовановски рече дека нема да се врати во затвор и дека ќе ја продолжи борбата пред судовите.
„Намалена ми е казната од девет на пет години за случајот Меѓународен сојуз, за кој што тврдам дека не постојат елементи на кривично дело. Но, откако Основниот кривичен суд преку судијата Софче Гаврилова Ефремова на еден чудесен начин донесе пресуда со која ја намалува казната, мене сега ми останува борба. Во моментов не се враќам во затвор, не се враќам зад решетки туку одам во борба пред судовите за да ја обжалам и оваа петгодишна казна“, рече Јовановски.
Режисерката на документарниот филм, познатата македонска актерка Весна Петрушевска зборуваше зошто е избран токму насловот „Рекет“. Прашана зошто насловот е напишан на латиница и на англиски јазик („Recket“) и така напишано значи спортски реквизит со мрежа кој се користи за возвраќање на ударите со топка, а не е на македонски јазик и на кирилица што асоцира на случајот „Рекет“, таа кажа дека кога се создава филм кој ќе биде дистрибуиран и надвор Македонија тогаш исклучиво се користи англискиот јазик.
„Тоа е правило. Тоа е занаетска работа. Инаку насловот е метафора. Рекетото е реквизит. Тоа е мрежа. Некој паднал во мрежата и сега треба да ја фати топката и да ја врати. Но овој наслов, особено како им дава имиња на овие процеси, го има смислено некој друг. Ние само малку им ги земавме авторските права“, рече Петрушевска.
Боки 13 пак, рече дека долго размислував каков да биде насловот и каква порака се праќа со него.
„Со оглед на непишаните филмски правила долго време размислував за насловот, но бевме советувани од странските копродукции да биде ваков наслов, напишан на латиница, да има метафора и да биде во буквален превод, а подоцна низ содржината да се разбере и преку кириличното, метафоричко значење на зборот рекет“, рече Јовановски.
Прашан зошто токму сега, на три дена пред одржување на локалните избори го промовира документарниот филм, Јовановски вели дека сега се создале услови за промоција.
„Впрочем ова воопшто не е лошо време за промоција. Сите ние треба да размислиме за кого ќе го дадеме својот глас“, заклучи Јовановски.






