понеделник, 14 јули 2025

Боите на македонското знаме на Градското собрание на Лос Анџелес во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани

Градското собрание на Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија ќе биде осветлено во црвена и жолта боја, боите на македонското знаме, од вечерва во 20 часот, до вторник наутро во 6:00 часот, по локално време, во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

Во објавата споделена на Фејсбук-профилот на македонската православна црква на Пресвета Богородица во Лос Анџелес, се упатува повик за присуство на овој настан за оддавање почит на жртвите од неодамнешната трагедија во Кочани.

„Изразуваме длабока солидарност со луѓето во Кочани, со глобалната македонска заедница и со сите погодени, додека продолжуваме да жалиме за оваа срцепарателна загуба. Оваа трогателна почит, која се оддава на три месеци од несреќата, ќе биде потсетник дека нашето единство и сочувство, дури и преку океаните, остануваат непоколебливи. Искрено му благодариме на градскиот советник Сото-Мартинез од областа 13, на неговиот прекрасен тим и на градот Лос Анџелес за нивната солидарност со македонскиот народ“, се наведува во објавата на ФБ- профилот на македонската црква.

Градскиот советник Хуго Сото-Мартинез по повод настанот насловен „Македонски ден на сеќавање“ во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани, Македонија, изразува жалење за загубата на 62 животи и солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина.

„Македонската заедница во Атвотер вилиџ и пошироко низ Лос Анџелес, иако малубројна, е енергична и длабоко вкоренета уште од 1960-те години. Како град длабоко жалиме за загубените 62 животи во пожарот во ноќниот клуб ‘Пулс’ и ја изразуваме нашата солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина“, напиша на својот ФБ-профил градскиот советник Сото-Мартинез во областа 13.

На 16 јуни се навршуваат три месеци од трагедијата во Кочани. Во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март во раните утрински часови, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. По завршување на истрагата 34 физички и три правни лица се обвинениети за тешки дела против општата сигурност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ