„Чекам денес да се јават сите душегрижници кои коси кубеа за Горан како голем сдсмовец. Истите ги пушти низ вода а посебно подржувачите, членовите и симпатизерите на СДСМ во Центар. Ги пушти низ вода сите што од СДСМ гласаа за него во прв круг. Не е ни чудо и претходно менуваше партии. А тоа го покажуваат и бројките за листата за Град Скопје и кандидатот Каја Шукова. Од машинерија направи моторкултиватор. И тоа само со единствена негова цел и интерес“, напиша Богдановиќ на фејсбук.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување изјави дека на изборите добил околу 2.500 гласа повеќе од советничката листа на СДСМ, што според него потврдува дека граѓаните ја разликуваат локалната работа од партиската.
„Поддршката што ја добив во првиот круг е доказ дека жителите на Центар ја препознаа мојата работа и посветеност на општината. Центарци знаат да проценат и да го изберат најдоброто. Тие гласаа за личност, не за политика. Мене ми е чест што ја вреднуваат нашата заедничка работа и постигнатите резултати. Граѓаните ја тргаат политиката настрана кога станува збор за локалната самоуправа. Тие ја препознаа одговорната работа на градоначалникот кој четири години работеше за нив, а не за политички интереси“, изјави Герасимовски.
Герасимовски додаде дека лично им честитал на двете кандидатки за градоначалнички на Скопје и Карпош од редовите на неговата партија, Каја Шукова и Маја Мојсова Миовска, кои не влегоа во вториот круг, нагласувајќи дека не разговарале за политички договори, туку за програмите и идеите што тие ги понудиле.
„Сметам дека нивните предлози може да се вклучат во нашата програма за следниот мандат. Очекувам поголем дел од нивните гласачи да ни ја дадат поддршката“, изјави Герасимовски.
Во однос на изборниот процес, тој спомена дека имало околу 1.500 неважечки ливчиња, што е повеќе од претходните избори, и најави анализа на причините.
„Можно е дел од грешките да се направени ненамерно, а дел од граѓаните свесно го поништиле ливчето како израз на револт. Анализата ќе покаже точна слика“, додаде Герасимовски.
Герасимовски порача дека во следните четири години ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, со фокус на реални проекти и подобрување на условите за живот во општината.






