петок, 12 декември 2025

Блупринт групата за трагедијата во Кочани прашува кој е системот и зошто никој не одговара

Иако Собранието има уставна и политичка обврска да води темелна и одговорна расправа, очигледна беше недоволната посветеност на голем дел од пратениците, се наведува во анализата на Блупринт групата за реформи во правосудството откако на 9 декември, собраниската постојана анкетна комисија за човекови права одржа расправа посветена на случајот со пожарот во Кочани, на која присуствуваа и претставници на невладиниот сектор, медиуми и највисоки претставници на законодавната и извршната власт.

Објавено на

часот

Сподели

„Расправата повторно го потврди она на кое со години укажуваат граѓанските организации, институционалниот систем на заштита, контрола и одговорност е суштински нефункционален. Трагедијата во која загинаа 63 лица не е резултат само на индивидуални пропусти, туку таа е директна последица на децениска институционална незаинтересираност, избегнување одговорност и отсуство на вистинска политичка волја за реформа. Иако Собранието има уставна и политичка обврска да води темелна и одговорна расправа, очигледна беше недоволната посветеност на голем дел од пратениците. Уште на самиот почеток се предложи расправата да се одложи, па дури и целосно да се избегне, под изговор на ненадлежност, пристрасност и влијание врз судските и истражните постапки. Исто така, кога медиумите ја напуштија салата, истото го сторија и голем број пратеници и високи поканети гости, меѓу кои и Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Претседателот на Републиката, без најавување или оправдување на отсуството од понатамошниот тек на дискусијата“, се наведува во реакцијата на Блупринт групата.

Оттаму наведуваат дека иако јавноста бара одговори, таа наместо одговорност, добива „уште една сцена на политичка формалност“.

„Семејствата уште еднаш беа оставени да гледаат како институциите формално ‘дискутираат’, а суштински не се прават чекори кон конкретни мерки. Ваквата слика испраќа порака дека, дури и во ситуации со висока човечка цена и огромно јавно очекување, политичкиот интерес има поголема тежина од политичката одговорност. Родителите на жртвите во своето обраќање јасно побараа правда, а пратениците, речиси без исклучок, повторија дека ‘системот не функционира’. Во текот на расправата само три до четири пратеници понудија конкретни и конструктивни предлози. Притоа, перцепцијата беше дека поголемиот дел на декларативни констатации за “нефункционален систем’ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност“, велат од Блупринт групата.

Токму затоа од оваа неформална група на невладнини организации прашуваат, кој е системот?

„Ако системот не функционира, мора конечно да биде јасно кој го сочинува и зошто никој не понел политичка одговорност за децениските пропусти. ‘Системот’ не е само апстрактен поим, тоа се Владата, Собранието, судовите, регулаторите, инспекторатите и сите институции што треба да создаваат, контролираат, надгледуваат и санкционираат. Кога нема одговорност, тогаш системот не е нефункционален по случајност, туку по нечие недејствување. Ова не смее да биде сцена за дневнополитичко профитирање, туку момент каде моралната и политичката одговорност ќе бидат јасно лоцирани. Ако и овој пат институциите се задоволат со декларативна осуда и технички анализи, тогаш системот ќе продолжи да произведува ризик, а граѓаните да ги плаќаат последиците. Комисијата има и морална и институционална обврска, како и уставна должност да донесе конкретни заклучоци и јасни чекори што ќе доведат до утврдување политичка одговорност и решение за тоа како системот да стане функционален“, пишува во анализата на Блупринт групата.

Како Блупринт група бараат „сериозен, доследен и итен процес, без релативизирање, без одолговлекување и без политичка апстракција“. Притоа, од групата посочуваат дека мора да се внимава да не се предизвика ревиктимизација на родителите и преживеаните.

„Собранието мора да ги разгледа сите можности и да постапи соодветно, земајќи ги предвид барањата на родителите, преку, преиспитување на законската регулатива за работата на сите угостителски објекти и објекти за јавни настани, вклучително и јасни безбедносни стандарди, редовни проверки и зајакната контрола, итни промени на Кривичниот законик во делот на санкционирање на коруптивните кривични дела, лоцирање на системските пропусти и иницирање одделни надзорни расправи и одделни темелни парламентарни дискусии за трагедиите, Кочани, Ласкарци, Беса транс и Модуларните болници во Тетово, донесување закон за обештетување на семејствата на жртвите и оштетените од трагедијата во Кочани. Ниту една институција нема право на тишина кога 63 животи се изгубени. Наведените проблеми се директно поврзани со надлежностите и одговорностите на институциите, а решавањето на системските пропусти и утврдување политичка одговорност е должност на народните избраници во собранието на државата. Затоа, бараме трагедијата во Кочани конечно да биде третиранa како приоритет и пратениците обединето да настапат во заштитата на човековите права на граѓаните“, велат од Блупринт групата.
Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат невладините организации, Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ