петок, 12 декември 2025

Блупринт групата е разочарана од начинот на кој е предложен кандидатот за нов член на Судскиот совет

Блупринт групата за реформи во правосудството денеска изрази длабока разочараност поради предлагањето нов член на Судскиот совет на РСМ од редот на истакнати правници кои ги избира Собранието, а на само неколку дена пред започнување на собраниската постапка за донесување на новиот Закон за Судскиот совет. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема ингеренции да се меша во изборот на членови на Судскиот совет доколку кандидатите ги исполнуваат законските услови. претходно, Блупринт групата изрази загриженост и во врска со повторното активирање на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

 

Објавено на

часот

Сподели

Иако измените на Законот за Судски совет долго време се подготвуваа како резултат на претходните случувања и со цел подобрување на составот и работата на Советот, процесирањето на законот неоправдано се оддолжи. Дури по објавувањето на огласите за избор на нов член од редот на истакнати правници, постапката беше нагло забрзана, реагираат од Блупринт групата.

„Загриженоста е уште поизразена ако се има предвид дека целокупниот процес беше внимателно следен од страна на меѓународната заедница. Наместо демонстрација на институционална зрелост во спроведувањето на обврските од реформската агенда и доследна имплементација на Стратегијата за развој на правосудството, се создава перцепција дека ваквите постапки го релативизираат, па дури и го изигруваат реформскиот процес. Наместо избор кој би се темелел на јасно утврдени и повисоки професионални стандарди за критериумот ‘истакнат правник’, како што беше предвидено со новото законско решение, постои реален ризик повторно да се применат застарени и веќе широко критикувани практики. Ваквиот пристап сериозно ги поткопува очекувањата на јавноста дека новата законска рамка ќе придонесе кон избор на членови со докажан професионален интегритет, висока стручност и значително искуство во областа на правото. Дополнително, ваквите постапки директно ја нарушуваат довербата во судството во целина, како и во Судскиот совет како уставно тело задолжено да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт“, велат од Блупринт групата.

Особено загрижува фактот, велат од оттаму, што Собранието, и покрај претходно изнесените критики кон и изгласаната интерпелација на членовите од редот на истакнати правници избрани од Собранието по старите критериуми, повторно пристапува кон избор по истата постапка. Наместо да го донесат новиот закон и да ги применат унапредените критериуми, се создава впечаток на недоследност во спроведувањето на реформските заложби.

„Со овој чин сериозно се нарушуваат напорите и очекувањата за приближување кон европските вредности и принципот на владеење на правото, кој претставува клучен услов на европскиот пат. Мандатот на членовите на Судскиот совет трае шест години, со можност за повторен избор, а доследното спроведување на нивните надлежности е суштинско за враќање на довербата во судството. Квалитетот на работата на ова тело непосредно зависи од неговиот кадровски состав. Апелираме до Собранието, пред да избере нов член на Судскиот совет, доследно да ги почитува сопствените заложби за подобрување на критериумите за избор на член на Судскиот совет од редот на истакнати правници и што поскоро да го усвои новиот Закон за Судскиот совет. Посебно што со измените во овој закон е предвидена потранспарентна и по конкурентна постапка за нивен избор од досегашната која би овозможила јавноста да се запознае со кандидатите кои претендираат за оваа значајна функција“, апелираат од Блупринт групата.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема ингеренции да се меша во изборот на членови на Судскиот совет доколку кандидатите ги исполнуваат законските услови. Тој одговарајќи на новинарски прашања во врска со предложениот кандидат за Судскиот совет, рече дека Владата нема ингеренции да се меша во изборот на членови на Судскиот совет доколку кандидатите ги исполнуваат законските услови.

„Тој е кандидат којшто го гласа Парламентот и како член во Судскиот совет од редот на малцинствата што се повеќе од 20 проценти, во случајот дел од албанската заедница. Се додека кандидатот ги исполнува условите согласно повикот и сите тие критериуми согласно закон, ние тука не можеме ништо да направиме како Влада, на крајот останува на пратениците дали ќе го поддржат или ќе бараат друго решение“, рече Мицкоски во одговор на прашањето да даде коментар за реакциите за предлогот за нов член кој претходно бил советник во МВР.

Мицкоски повтори дека ова не е предлог на Владата, туку предлог што доаѓа од Парламентот.

„А, што се однесува до останатиот предлог и вториот предлог којшто денеска треба да му истече мандатот, а кој што доаѓа на предлог на претседателката, многу беше прецизна претседателката и кажа кога ќе се донесе новиот закон, а новиот закон веќе е во парламентарна процедура. Помина на Венецијанската комисија, чекаме мислење од канцеларијата на Европската комисија, но тие имаа експерти во изготвувањето на истиот, така што не очекувам дека ќе бидат против. Очекувам до крајот на годината да се донесе и предлозите од Кабинетот на претседателката исто така да бидат дел од собраниската процедура“, рече Мицкоски.

Вчера Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија ја усвоија потребата од донесување на новиот Предлог закон за Судски совет кој претставува основа за суштинска реформа во правосудството. Предлог законот доби поддршка од сите членови на комисиите, вклучително и од опозицијата, соопшти Министерството за правда. 

Блупринт групата вчера изрази загриженост и во врска со повторното активирање на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

„Владата претходно ја стопираше постапката без формално повлекување на предлогот, оставајќи го обвинителот во долговремена состојба на неизвесност и институционален притисок.  Сега повторно се најавува продолжување на процесот и покрај негативното мислење на Советот на јавни обвинители, како и без јасно образложение на фактичките и правни основи на кои се води оваа постапка. Ваквата недоследност го нарушува принципот на правна сигурност и создава ризик од политичка инструментализација на еден строго правен механизам. Владата во неколку јавни настапи изјави дека државниот јавен обвинител сторил ‘крупна професионална грешка’, но не соопшти каков точно пропуст се смета за основ за поведување на постапката за разрешување, според кои факти и показатели е утврдено дека постојат основи за иницирање на постапката, ниту пак како ова се вклопува во законските критериуми за одговорност. Имајќи предвид дека минималните стандарди на јавност и отчетност бараат секоја ваква постапка да биде јавно и транспарентно образложена, отсуството на овие информации сериозно ја поткопува довербата во намерите и во правичноста на процесот“, реагираа од Блупринт групата.

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ