„Во принцип, постојат три можни решенија. Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во шенген-зоната – најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што моментно тоа го прави Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит во земјите од шенген-зоната“, изјави Николоски.
Сè спротивно од ова, вели Николоски, ќе има сериозни последици – не само за македонската и регионалната туку и за европската економија.
„Да не заборавиме дека најголемиот дел од странските инвестиции во Македонија, како и во целиот регион, доаѓа токму од земјите членки на шенген-зоната и Европската Унија. Овде најчесто се произведуваат полупроизводи, кои потоа се извезуваат во земјите од кои доаѓаат инвеститорите, каде што се доработуваат и стануваат финални производи. Да не заборавиме на земјоделските производи, да не заборавиме на транзитот, да не заборавиме на она што го произведува Грција и што се извезува кон север. Да не го заборавиме ниту главниот трговски коридор на Централна и Југоисточна Европа – коридорот 10, кој претставува економски крвоток на целиот регион. Затоа апелирам и замолувам уште еднаш внимателно да се размисли и да се разгледа ова прашање“, истакна Николоски.
Посочи дека со претставници на Европската комисија со години се обидувале да им ги предочат овие работи, но дека не наишле на доволно слух.
Додаде дека веќе разговарал со министерот за транспорт на Грција и ќе направи обиди да разговара и со Бугарија иако таму во моментот има техничка влада, а в среда заминува за Загреб да раговара со својот хрватски колега.
„Станува збор за земји што се членки на шенген-зоната, директни или индиректни соседи, и кои може да извршат дополнителен притисок за изнаоѓање решение“, рече Николоски.
Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“ се надеваат дека ќе наидат на разбирање од страна на европските држави.
„Станува збор за професионална дејност – транспортна. Лицето работи во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава и едноставно може да се каже дека Европа на овој начин сака да нè спречи да работиме“, вели Билјана Муратовска од Макамтранс, потсетувајќи дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.
Економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи, кога нема доволно возила, според Муратовска, воопшто не постои. Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите, ниту од аспект на превозниците, категорична е Муратовска.
Посочи дека ова е огромна дискриминација кон патниот превоз, затоа што со постојната регулатива Европската Унија го ослободила од броење на денови за престој секој друг вид превоз – бродскиот, железничкиот и јавниот превоз.
„Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи во одреден период. Кога ќе се приклучат и Турција и другите држави, ќе се работи за над милион тони стока што се движи или чека, и тоа треба да биде јасен сигнал за сите. Но, не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не можат да траат подолго“, изјави Муратовска.
Вели дека ако до април не им се излезе во пресрет, нема д апротестираат затоа што акмионите ќе стојат но ќе нема кој да ги вози.
„Тогаш последиците ќе бидат уште поголеми и сите ќе ги почувствуваат“, истакна Муратовска.






