понеделник, 22 декември 2025
Интервју

Бјорн Габриел, ЕИБ: Декарбонизација за полесен пристап до пазарот на ЕУ

Новообјавениот Водич за декарбонизација за Северна Македонија, изработен од Европската инвестициска банка (ЕИБ), Делегацијата на ЕУ и Стопанската комора на Македонија, доаѓа во клучен момент, нудејќи им на компаниите и финансиските институции практична патна карта за навигација низ зелената транзиција и усогласување со новите климатски барања на ЕУ. Водичот ги појаснува сложените концепти за декарбонизација во конкретни чекори кои компаниите можат веднаш да ги применат, зајакнувајќи ја и конкурентноста и отпорноста. По неговото официјално лансирање, разговараме со Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка за дел клучните прашања кои често се појавуваат кога компаниите започнуваат да ја планираат својата патека кон декарбонизација.

 

Објавено на

часот

Сподели

Како Водичот за декарбонизација ги поддржува компаниите во Македонија на нивниот пат кон нето-нула емисии?

– Изработен во соработка со Стопанската комора и Делегацијата на ЕУ, Водичот нуди јасна и практична патна карта: идентификување на емисиите, нивно мерење и приоритизирање на најефикасните мерки за намалување. Тој започнува со модул за самооценка кој им овозможува на бизнисите да ги пресметаат своите тековни јаглеродни емисии и подготвеноста за декарбонизација. Неговата клучна алатка – лесен за користење калкулатор за јаглероден отпечаток, кој опфаќа речиси 60 извори на енергија и разладни средства – им обезбедува на компаниите непосредни и квантитативни сознанија за нивното влијание врз животната средина. На пример, стакленичките гасови (GHG) можат да се емитуваат и апсорбираат низ целиот животен циклус на еден производ – од екстракција на суровини до крајот на животниот век, вклучително и сите меѓуфази: производство, транспорт и потрошувачка.

Зошто ова е важно? Северна Македонија се соочува со растечки физички климатски ризици: просечните температури се зголемуваат, топлотните бранови би можеле да се зголемат трикратно во следните две децении, а врнежите се намалени за 15% од 1901 година. Овие промени ги загрозуваат синџирите на снабдување, ги зголемуваат трошоците и наметнуваат потреба од инвестиции во отпорна инфраструктура и ефикасно користење на ресурсите.

Покрај физичките ризици, присутни се и транзициските ризици. Построгите климатски регулативи на ЕУ ќе бараат почисти технологии и оперативни промени. Иако почетните трошоци може да бидат високи, тие носат долгорочни заштеди и пристап до пазари за извозниците. Затоа, Водичот им помага на компаниите да се приспособат и да останат конкурентни, да се усогласат со стандардите на ЕУ, да ги ублажат климатските ризици и да ја претворат одржливоста во стратешка предност.

Зошто декарбонизацијата е толку важна за бизнисите во мала, енергетски интензивна економија како Македонија?

– Новите климатски регулативи веќе не се најава за иднината – тие се реалност. Од јануари 2026 година, извозниците ќе се соочат со трошоци во рамки на Механизмот за прилагодување на јаглеродот на граница (CBAM), поврзани со цената на јаглеродот во ЕУ. За сектори со високи емисии, како што се челикот и алуминиумот, влијанието може да биде значително. Пораката е јасна: компаниите треба да започнат со прилагодување уште сега, во спротивно ризикуваат губење на конкурентноста.

Компаниите што навремено ќе ги намалат емисиите ќе избегнат растечки трошоци за усогласување, ќе го задржат пристапот до пазарот на ЕУ и ќе се позиционираат за идниот раст. Раните предводници можат да се наметнат како лидери во извозот, енергетската ефикасност и отворањето нови работни места во следната деценија.

Нашиот Водич за декарбонизација нуди конкретни чекори за започнување на процесот, како што се воведување ефикасно управување со ресурсите и енергетски паметни практики, со цел намалување на климатските ризици и оперативните трошоци. Искуството од терен покажува дека постои интерес кај компаниите, но често недостига знаење за развој на долгорочна стратегија за декарбонизација. Токму изградбата на таква стратегија е клучна за успешно приспособување кон новите пазарни барања.

Какви видови инвестиции може да поддржи ЕИБ преку препораките од Водичот?

– ЕИБ поддржува широк спектар на зелени инвестиции: проекти за обновлива енергија, енергетско ефикасно производство, електрична мобилност, одржливи реконструкции на објекти, технологии за циркуларна економија, како и дигитални системи кои ја зголемуваат ефикасноста во користењена ресурсите. Дополнително, обезбедуваме советодавни услуги за да им помогнеме на компаниите да ги претворат своите идеи во финансиски одржливи проекти, правејќи ја транзицијата практична и достапна.

Преку нашата зелена кредитна линија со Развојната банка на Северна Македонија, веќе се финансирани околу 60 проекти на мали бизниси, вклучително и 52 инсталации за обновлива енергија со вкупен капацитет од 105 MW. Во разгледување е и дополнителна кредитна линија на ЕИБ за домашните компании.

Покрај тоа, Гарантниот инструмент на ЕУ за отпорност на МСП во Западен Балкан им овозможува на партнерските банки да понудат кредити под поволни услови – со пониски каматни стапки, намалени барања за обезбедување и подолги рокови на отплата. Само во Северна Македонија, се очекува овој инструмент да мобилизира над 20 милиони евра поволни кредити за околу 125 мали и средни претпријатија, поттикнувајќи раст, вработување и конкурентност. Водичот за декарбонизација ги истакнува овие можности за финансирање, како и опциите понудени од други меѓународни финансиски институции.

За да им помогнеме на компаниите брзо да проценат дали нивните проекти се подобни за поддршка од ЕИБ, ја воведовме алатката Green Checker (алатка за проверка на подобноста на зелени проекти) за регионот на Западен Балкан.

Кои се најголемите пречки со кои се соочуваат компаниите во Македонија при декарбонизацијата – и како ЕИБ ги адресира?

– Се издвојуваат две главни пречки: ограничено техничко знаење и пристап до достапно финансирање. Двете се клучни, бидејќи забрзаната декарбонизација бара значителни инвестиции во почисти технологии, енергетска ефикасност и транспарентно известување.

Нашата неодамнешна анкета на 300 компании го потврдува овој јаз: само 7% изјавиле дека имаат високо ниво на познавање на зелените практики, додека 30% признаваат дека немаат никакво знаење. Сепак, повеќе од една четвртина од компаниите препознаваат конкурентска предност и потенцијал за раст на приходите преку зелената транзиција. Она што недостига се силни национални политики, воведување јаглеродно тарифирање, побрзо усогласување со ЕУ и финансиски инструменти насочени за поттикнување на трансформацијата.

ЕИБ директно се справува со овие предизвици. Нашиот Водич за декарбонизација ја претвора комплексноста во јасна патна карта, додека финансиските инструменти – како кредитните линии преку локалните банки – го намалуваат трошокот на капитал и ги прават зелените инвестиции изводливи за малите и средни компании, како и за средно големите претпријатија.

За многу помали компании, техничката поддршка е од клучно значење пред да се донесе одлука за инвестирање. Преку нашата техничка помош, помагаме во дизајнирање на финансиски одржливи проекти и избор на соодветни технологии, што е неопходно за отпорност на деловните операции и пристап до финансирање од ЕИБ Глобал. Типични проекти вклучуваат унапредување на енергетската ефикасност, управување со отпад, решенија за кружна економија и пошироки иницијативи за декарбонизација.

Како овој Водич ќе им помогне на банките и финансиските институции во земјата да ги интегрираат климатските аспекти во кредитирањето?

– Водичот воспоставува јасен стандард за тоа што претставува кредибилен климатски проект, со што им се олеснува на компаниите пристапот до зелено финансирање. Конкретно, преку нашата програма Greening Financial Systems (Иницијатива за интеграција на климатските ризици во финансиските системи), соработуваме со Народната банка на Северна Македонија за вградување на зелената таксономија на ЕУ, зајакнување на регулативата за климатски ризици и воведување алатки како мапи на опасности и анкети за климатски ризик.

Покрај регулативата, обезбедуваме и прилагодена поддршка за водечките комерцијални банки во земјата, помагајќи им да ги интегрираат климатските ризици во процесите на кредитно одлучување. Со обезбедување знаење и алатки, финансиските институции можат подобро да ги насочуваат клиентите во развојот на стратегии за декарбонизација и да овозможат финансирање на проекти кои ја зајакнуваат отпорноста и конкурентноста.

Што очекува да постигне ЕИБ со лансирањето на овој Водич во Македонија?

– Нашата цел е едноставна: да ја забрзаме зелената транзиција на земјата преку обезбедување практични алатки и реални примери за компаниите. Водичот покажува како водечки индустриски компании веќе преземаат конкретни чекори, како што е компанијата LTH Castings (ЛТХ Леарница), клучен добавувач во автомобилската индустрија за Mercedes-Benz, Bosch, BMW и Continental. Компанијата воведе автоматизирано производство, инсталираше соларни панели, склучи договори за управување со отпад и воведе системи за повторна употреба на отпадна топлина – мерки кои истовремено ги намалуваат емисиите и ја зголемуваат ефикасноста.

Очекуваме Водичот да поттикне развој на подготвени проекти за декарбонизација, да ја усогласи Северна Македонија со климатските политики на ЕУ и да изгради поотпорна и поконкурентна економија. Раните предводници ќе имаат јасна предност: пониски трошоци за CBAM, посилен пристап до пазарите, како и подобна основа за користење на фондови на ЕУ, климатско финансирање од ЕИБ и заеми поврзани со одржливост.

Р.М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ