Според засега сѐ уште непотврдени информации од Основниот суд Битола, како гаранција, бизнисменот Марковски приложил куќа со двор и три стана во Битола, сопственост на „Марковски компани“, како и 25 булдожери и камиони што се водат како имот на фирмата.
Од Јавното обвинителство за МКД.мк велат дека ОЈО Битола ја осприл одлуката што ја донел Основниот суд во Битола.
„Обвинителството даде негативно мислење во врска со понудената гаранција затоа што сметаше дека проценетата вредност на понудениот имот не е соодветна, во суштина движниот имот не претставува соодветна гаранција за замена на мерката притвор во мерки на претпазливост и затоа што обвинителството сметаше дека таква одлука треба да донесе Апелацискиот суд Битола“, велат од Јавното обвинителство за МКД:мк .
Ова значи дека сега, Марковски ќе се брани од слобода, но ќе има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, а привремено му е одземен и пасошот.
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола на 2 јануари годинава поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во енергетскиот комбинат РЕК Битола. Меѓу обвинетите е и бизнисменот Борче Марковски сопственик на обвинетата фирма „Марковски компани“.
Според обвинението, во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки.
Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот “Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. (Поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација, околу 14 години, во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија – роторни багери и транспортни ленти, какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј).
Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице, „Марковски компани“.
„Со тоа ѝ овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ). Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело измама во службата“, информираа тогаш од Јавното обвинителство.






