Форумот го отворија Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија и Софија Филипиду, амбасадорка на Грција.
Амбасадорката Филипиду нагласи дека овој форум претставува извонреден пример за тоа како две соседни земји, кои имаат толку многу заедничко, можат да ги развиваат и продлабочуваат економските врски во корист на двете економии.
Високата посетеност и значајниот број на денешните Б2Б – средби јасно укажуваат на интересот да се премине од дискусија кон конкретни акции, наведуваат од амбасадата на Грција.
Грчката делегација ја сочинуваа високи претставници од Атинската стопанска и индустриска комора (ACCI), Хеленската федерација на претпријатија (SEV), Асоцијацијата на грчки извозници (SEVE) и „Enterprise Greece“. Грчките компании што учествуваа на форумот претставуваа клучни економски сектори, меѓу кои градежништво и градежни материјали, енергетика, фармацевтски производи, храна и информатичка технологија.






