„Предлогот на Основното јавно обвинителство Битола е прифатен од Кривичниот совет на Основниот суд во Битола и на осомничениот сопственик на правното лице му е определена мерка притвор. Со ова е уважена жалбата и аргументите изнесени од битолското обвинителство, особено во поглед на ризикот од бегство на осомничениот, и е преиначена одлуката на судијата на претходна постапка. ОЈО Битола сѐ уште не е известено за одлуката по поднесената жалба на мерката куќен притвор за осомничениот раководител во РЕК Битола“, соопшти доцна синоќа Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола завчера донесе наредба за спроведување нова истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола, информираше Јавното обвинителство (ЈО).
Како што соопштија од Јавното обвинителство (ЈО) со предистражните дејствија кои по наредба на јавен обвинител ги презела Управата за финансиска полиција (УФП) во изминатите неколку месеци, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во подрачната единица (ПЕ) Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
„Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот Живојно организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот Осломеј во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони). При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери“, информираа од ЈО.
Од Управата за финансиска полиција (УФП) информираа дека поднеле кривична пријава против осум физички и едно правно лице за злоупотреби во РЕК Битола со кои е стекната противправна имотна корист во висина од 106.200.000 денари. Претходно ЕСМ преку соопштение информираше дека ниту еден член од сегашното раководство на РЕК Битола не е приведен во акцијата на МВР.
Фирмата на Марковски со години ги добиваше милионските тендери за ископ на јаглен во РЕК Битола. Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во Македонија.






