Против четворицата осомничени кои претходно се гонеа за предизвикување општа опасност, сега е отворена истрага за тешки дела против општата сигурност.
„Обвинителството со прибраните докази ги утврди својствата на секој од осомничените, така што еден се товари за поттикнување, додека другите за дејствија на соизвршителство и помагање. Исто така, со прибраниот доказен материјал, утврдено е кој од осомничените ја поседувал и активирал експлозивната направа – рачна бомба М-75 која на граѓаните им е забранета, па против него е отворена истрага и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи. Имајќи ги предвид сите овие околности и фактот што против осомничените ќе се води истрага, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог со кој мерката притвор од 8 дена определена на 20 септември сега им е заменета со 30-дневен притвор. Тројца од осомничените се лишени од слобода, додека четвртиот не е достапен на органите на прогонот од моментот на извршување на делото“, информираа од Јавното обвинителство.






