Мариовци десетина дена се отсечени од цивилизација
„Паметиме, пред десет години имаше ваков студ, дури и поладно беше. Последните години некако се одвикнавме од ладните зими и затоа сега ни е малку тешко, но сепак се снаоѓаме. Малку се лизгаме, малку паѓаме, но мора да се брка работа“, велат граѓаните.
А додека битолчани ги мачи студот, мариовско Маково го завеа снег.
Дваесетина селани веќе две недели се целосно изолирани од цивилизацијата, без струја, без телефон и без можност да набават прехранбени продукти.
„Не можеме да мрднеме ни стоката ни луѓето. Целосно сме изолирани и без струја и без телефон. Патот е затрупан и не можеме да се снабдиме ниту со прехранбени продукти“, се жалат селаните. „Велат имало бандери паднато, затоа немаме струја.“
За маката да им биде поголема, стоката им умира од глад или е жртва на прегладнетите волци што слегуваат од планините, јави ТВ Тера.