Правејќи споредба на просечната плата и потрошувачката кошница, Битиќи рече дека се гледа дека трошоците растат двојно побрзо од растот на палтата.
„Вредноста на синдикалната потрошувачка кошница порасна од 61.855 денари во март на 63.908,00 денари во мај, односно за три месеци имаме зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето-плата се зголеми од 44.763 денари на 45.796 денари, односно за три месеци се зголеми за 1.033 денари. Ако се погледнат и најновите бројки, разликата е уште поочигледна. Во јуни кошницата достигна 64.698 денари, а во јули 65.328 денари, што значи дополнителен раст од 1.420 денари за само два месеци. За истиот период нема податоци за просечната плата, но трендот од претходните месеци јасно покажува дека зголемувањето на платите е далеку побавно од растот на трошоците. Реалната куповна моќ на граѓаните паѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо“, рече Битиќи.
Битиќи тврди дека фактите го демантираат премиерот Христијан Мицкоски кој претходно кажа дека пензиите се една од причините за поскапувањата.
„Во март имаше еднократно, линеарно зголемување од 2.500 денари. Но тоа не стана тренд. Во април просечната пензија падна на 26.163 денари, во мај беше 26.157, а во јуни едвај се врати на 26.207 денари. Пензионерите и понатаму живеат на граница на егзистенција. Нивните примања едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека тие ја предизвикуваат инфлацијата е економски и морално погрешно. Јазот меѓу приходите и трошоците уште повеќе се потврдува кога ќе се погледнат и другите ценовни индикатори. Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8 отсто повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3 отсто. Само еден месец претходно, овие стапки беа пониски, односно изнесуваа 4,5 отсто и 3,7 отсто, што значи дека цените забрзуваат, а тоа се случува без раст на примањата. Трендот на забрзување на цените уште појасно се гледа кај основните земјоделски производи, каде поскапувањата се најизразени и имаат директно влијание врз животниот стандард“, рече Битиќи на денешната прес конференција.
Пратеникот од редовите на СДСМ тврди дека Владата се потпира на импровизација и пропаганда наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да ги намали цените и до 30 отсто преку санкционирање на неправедните профити.
„Минималната плата од март е 24.379 денари, утврдена еднострано, без синдикати и без социјален дијалог. Зголемувањето од 1.800 денари беше донесено како политичка одлука, а не како дел од сеопфатна стратегија за подобрување на животниот стандард. Денес, за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство и пак ќе немаат доволно за месечните трошоци. Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра. Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен. Македонија заслужува економија што ќе работи за своите граѓани, што ќе обезбедува стабилни цени, фер пазар и заштита на животниот стандард, а не изговори за сопствената неспособност“, рече Битиќи.
Битиќи предупреди дека без реален раст на приходите, куповната моќ на граѓаните ќе продолжи да паѓа, а економската несигурност да расте.






