Иако беа најавени да се вратат поголемите казни за корупција во Кривичниот Законик до изборите истото не се случи – Уставниот суд на 12 февруари со мнозинство од гласовите на тогаш деветте судии, одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик, со кои во 2023 година се изврши упад во судството за да се ослободат од обвиненија за корупција поранешни функционери. Пред да ги укине или поништи измените, Уставниот суд прво му испрати извештај на Собранието дека има сомнеж во уставноста на законот. Судот му даде на Собранието рок да интервенира и да ги смени спорните одредби, односно за 6 месеци да ги врати избришаните казни за корупција, со кои застареа сите предмети на поранешното СЈО, а обвинетите беа амнестирани и граѓаните им исплаќаат сега стотици и стотици илјади евра за адвокатски трошоци. Во случај Владата и Собранието да не го стори тоа, во Уставниот суд требаше да се направи реферат за укинување или поништување на тие одредби, или на целиот закон за изменување на Кривичниот законик, кој се донесе на трети септември 2023 година. На 12 август истече рокот од максимални 6 месеци кој Уставен суд му ги даде на Сoбранието за да ги корегира спорните законски одредби за изменување и дополнување на Кривичниот Законик.
Општините лани потрошиле 190 милиони евра, во десетина локални самоуправи половина од тендерите ги добила една фирма, покажува најновото истражување спроведено од Центарот за граѓански комуникации. Осумдесетте општини и Градот Скопје лани склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари, односно околу 190 милиони евра, а во десетина општини само една фирма добила половина или повеќе од вкупниот број јавни набавки. Од Центарот потенцираат дека има десетина општини во кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година. Тука се набројани општините Желино, Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.
Фондот за иновации финансирал 48 проекти за вештачка интелигенција вредни над 6 милиони евра, а ниту еден не функционира. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациските системи како ревизија на успешност на тема „Можности за употреба на Вештачка интелигенција во јавниот сектор” со цел да оцени дали јавниот сектор е подготвен за користење на вештачка интелигенција во своите активности и нотираше низа пропусти и недоволен развој на ВИ во државата и во јавниот сектор и посочи дека од 48 државно финансирани проекти за ВИ во вредност од над 6 милиони евра, ниту еден не е во функција.
Ревзорите утврдиле дека ЈП „Национални шуми“ се заглавени во долгови, со кредити исплаќаат плати, вработени не ги извршувале задачите согласно договорот… Во документот на ДЗР пишува дека претпријатието има акумулирани обврски од над 17 милиони евра и постојана зависност од револвинг краткорочен кредит за исплата на плати поради што претпријатието се соочува со сериозни финансиски тешкотии, намалена ликвидност и ризик за одржливост на работењето.
Во извештајот на ДЗР за работата на спортската сала „Борис Трајковски“ е утврдено дека дел од објектите и реквизитите се нефункционални, затворен е аква-паркот, дотраена опрема и изгубена можност за остварување дополнителни приходии…
На листата на „Бистро-матно„ е и случајот со државните институции (577) кои пријавиле имот во ДКСК, а според податоците од Централниот регистар има 1.511 правни лица што располагаат со државен капитал, министерства, општини, агенции, дирекции, фондови и други институции основани од државата. 577 државни институции испратиле податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за службените возила со кои располагаат. Рокот за пријавувањето на возилата беше до 20 август што значи дека повеќе од 900 институции сè уште не доставиле податоци, односно обврската ја исполниле едвај една третина.
На бистрата страна од оваа листа на Транспаренси интернешнл е кривичната пријава за двајца поранешни директори на АД Пошти за злоупотреба на над 32 илјади евра. СВР Скопје поднесе кривична пријава против поранешните генерални директори на АД „Пошти на Северна Македонија“, поради основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик. Пријавените во текот на 2023 година не извршиле должен надзор врз работењето на подредените раководители, со што овозможиле набавки спротивно на Законот за јавни набавки. Наместо дозволената граница од 24.000 евра, биле реализирани набавки во вкупен износ од 56.546 евра, со што е надминат законскиот праг за 32.546 евра.
Обвинението против осуммина, шест се полицајци, кои примале поткуп за незаконски престој на странски државјани е на бистарта страна. Државното Јавно обвинителство, преку специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе обвинителен акт против осум лица, од кои шест се полициски службеници. Обвинението се однесува на сериозни злоупотреби на службената положба, противзаконито посредување и примање поткуп, со цел овозможување незаконски престој и прибавување дозволи за привремен престој на странски државјани.
Обвинет е и виш полицаец обвинет за давање поткуп на колега на ГП Долно Блаце. МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје против виш полицаец во Единица за интервентна полиција при СВР Скопје. Тој е осомничен за кривично дело „давање поткуп“ по член 358 став 1 од Кривичниот законик. Според истрагата, во февруари и март годинава, пријавениот понудил и дал поткуп на друг полициски службеник вработен на граничен премин Долно Блаце со цел тој да не ја изврши својата службена должност. На овој начин, евиденцијата за влез во државата на македонски државјанин била прикажана како влез на турски државјанин.






