петок, 5 декември 2025

Бистро-матно: Непотребните кардиолошки операции, приведувањето на службеници во УЈП

Во ноември спорен индексот „Бистро-матно“ на Транспаренси интернешнл како матни настани се наведени извршените кардиохируршки операциите за кои Комисијата на Министерството за здравство смета дека биле непотребни, извештајот на Европската комисија за тоа дека независноста и финансиската автономија на судството се поткопани од другите гранки на власта, деловната тајна за употребата на отпад… А во делот бистри настани набројани се приведувањата на службеници на УЈП, приведувањето на директорот на Платежната агенција и уште тројца осомничени за поткуп, кривичните пријави против поранешни функционери во Сарај и Скопје…

Објавено на

часот

Сподели

Матно

Анализата на комисијата на Министерството за здравство на малверзациите со кардиохируршки зафати покажува дека од 25 испитани случаи, 10 операции биле извршени без основа, додека шест случаи ќе бидат проследени до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, бидејќи комисијата нема надлежност за нив. Од вкупно 19 случаи што беа детално разгледани, речиси половината се оценети како непотребни. Комисијата најави и втора фаза на анализата, која ќе вклучува влегување во институциите и детално разгледување на кардиоваскуларното лекување на пациентите. Реакцијата на здравствените власти доаѓа откако д-р Сашко Кедев рече дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.

Независноста и финансиската автономија на судството се поткопани од другите гранки на власта – генерално, нема напредок. Вака Европската комисија сумирано ја оценува Македонија во делот кој се однесува на судството и фундаменталните права во Извештајот за напредокот на земјата кон Европската Унија за 2025 година. Во делот за борба против корупцијата, оценката на Европската Комисија (ЕК)  е идентична со онаа за судството, односно дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и не постигна никаков напредок во превенцијата и борбата против корупцијата“. Во Извештајот за 2025 година се нотира и дека трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани открила трајни системски предизвици во врска со, како што се наведува, спроведувањето на антикорупциските мерки. Обвинението против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, што доведе до нејзина оставка, е уште еден сегмент на кој се осврнува извештајот, а кој, според ЕК, го довел во прашање кредибилитетот на оваа институција. Европската комисија, во овој контекст, дава критички препораки до Антикорупциска, што треба да ги преземе во рамките на своите надлежности.

Индустријата сега може да гори каков отпад сака и тоа законски да го крие од граѓаните како „деловна тајна“ – пратениците во Собранието го изгласаа Законот за контрола на индустриските емисии, кој треба да го регулира загадувањето од индустриските капацитети во земјава. Од организацијата Зелен хуман град (ЗХГ) велат дека законот е скандалозен и дека со него им се дава можност на индустријалците и бизнисмените да кријат каков отпад горат во нивните фабрики, под превезот на „деловна тајна“.„Индустријата ќе има право да скрие информации кои се однесуваат на дизајнот односно на дејноста или активностите на зградата или инсталацијата, составот или употребата на одредени суровини, хемикалии или други материјали или производи ако тие бидат класифицирани како деловна тајна! Тоа би значело дека обичниот граѓанин ќе нема право да знае дали Усје, на пример, гори отпад, гуми или некој друг токсичен елемент! Мерките што се преземаат за да го намалат уништувањето на животната средина што би се констатирало при затварање на инсталацијата може да се скриени како информација (член 24, став 8).

Агенцијата за филм ги повторува истите неправилности, работи без стратегија и внатрешна контрола – слабостите во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат, заклучува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во конечниот ревизорски извештај за работата на Агенцијата за филм на Македонија за 2024 година. Ревизијата утврди дека продуцентите кои добиле средства по конкурси, а чии филмови се завршени и имаат премиера, не ја доставуваат комплетната документација за докажување на остварената бруто добивка од филмските проекти.

Неправилности во работењето на прилепската болница во 2024, утврдил Државниот завод за ревизија – прилепската болница „Борка Талески“ потрошила средства без почитување на релевантната законска регулатива, особено во спроведувањето на јавните набавки со неправилности во благајничкото работење, односно при располагање со средствата во готово, утврдил Државниот завод за ревизија со ревизијата направена за 2024 година.

Државниот завод во извештајот изразил неповолни мислења во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.

Компанија основана лани доби државен тендер од 8 милиони евра — има двајца вработени – иако фирмата „Дигитал оне“ е основана дури во август 2024 година, резултатите ѝ биле исклучително добри и остварила приход од околу 570.000 евра, а нето добивка од приближно 17.400 евра. Компанијата „Дигитал оне“, основана лани, досега освоилa шест тендери, од кои четири од Генералниот секретаријат на Владата.Последниот тендер што „Дигитал оне“ го добила, за софтверски лиценци за виртуелна платформа, изнесува над 8 милиони евра и претставува рамковна спогодба што ќе важи до 2028 година. По години, планираните износи се: околу 16.300 евра за 2025 година, за 2026 година приближно 2,26 милиони евра, за 2027 година околу 2,28 милиони евра, за 2028 година околу 2,28 милиони евра. На 14 мај компанијата првпат склучила договор со државна институција и тоа со Генералниот секретаријат на Владата. Тогаш биле потпишани два големи договори: еден во вредност од речиси 11 милиони евра и уште еден од околу 10 милиони евра, за набавка на информатичка опрема, резервни делови и потрошен материјал.

ОДИХР нотира нееднакви услови за помалите партии и независните кандидати – вториот круг од локалните избори бил согласно стандардите на ОБСЕ и на меѓународните стандарди, е прелиминарниот заклучок на Мониторинг мисијата на ОДИХР за локалните избори при што се констатира дека вториот круг од изборите понудил различни политички опции како кандидати за градоначалници, но не сите од нив имале еднаков пристап до платената политичка програма. Мониторирање на медиумите во вториот круг покажа дека целокупното покривање продолжи да биде балансирано, но доделувањето на средства за платено политичко рекламирање беше во корист на големите партии што ги стави во подредена положба помалите партии и независните кандидати“, изјави Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОДИХР. Изборната легислатива во земјава, според ОДИХР, овозможува техничка основа за демократски избори, но постојат бројни недоследноси и празнини поврзани со изборната администрација, пристапот до медиумите и систем за решавање на изборни спорови. ОДИХР и во вториот круг констатираше дискриминација на помалите партии за платено политичко рекламирање.

ДКСК бара прецизни правила за медиумско претставување во изборните кампањи – двосмислена терминологија која може да се толкува различно, нецелосна опфатеност на сите учесници во изборната кампања и неусогласеност на дефинирањето на учесниците во кампањата со рекламниот простор во електронските медиуми. Ова се трите регулаторни ризици кои Антикорупциска ги утврдила во Изборниот законик во делот за медиумско претставување. Извештајот од антикорупциската проверка на одредби од Изборниот законик, ДКСК ќе го достави до институциите со цел да се направи усогласување на одредени членови за да се прецизира дефинирањето на учесник во изборна кампања, но и рамноправен пристап до платено политичко рекламирање за сите учесници.

Бистро

Десетина приведени од УЈП за поткуп и злоупотреби поврзани со кочанската трагедија – десетина вработени во Управата за јавни приходи се приведени во постапка што ја води кочанското обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластувања и за примање поткуп. Поведена е постапка против вкупно 11 лица, кои се осомничени за коруптивни дејствија поврзани со работата „Пулс“, а меѓу осомничените се даночни контролори од Службата за даночни контроли при Регионалниот даночен инспекторат во дирекцијата во Штип, потоа даночни инспектори и управители од регионалните дирекции на Управата за јавни приходи во Штип и Струмица, како и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат.

Кривична пријава против поранешни функционери во Сарај и Скопје – Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против осум поранешни функционери и службеници од Општина Сарај и Град Скопје, како и против еден надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и фалсификување или уништување на деловни книги. Според информациите од Управата, пријавените лица, иако биле свесни дека за катастарската парцела во Сарај не постои детален урбанистички план, изготвиле и одобриле документи со невистинита содржина, вклучително и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште.

Директорот на Платежната агенција и уште тројца осомничени за поткуп одат во притвор –  директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, како и уште тројца осомничени во случајот со примање поткуп, одат во притвор во траење од 30 дена, откако судот го прифати барањето на Обвинителството. Осомничениот директор и другите осомничени се товарат дека договарале поткуп од 50 илјади евра за пари од ИПАРД-програмата од поранешен пратеник и министер, кој ги ветил парите, а му дал на уапсениот директор 400 евра, со кои тој бил фатен. И 77-годишниот, поранешен пратеник и министер за локална самоуправа и правда, оди во ефективен притвор, согласно судската одлука.

Акција на МВР: злоупотреби со државни резерви на жито – Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица за злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Во акцијата се опфатени раководители во Агенцијата за стоковни резерви, вешто лице од Бирото за процена, како и поранешен заменик-министер за земјоделство.  Тие се смета дека направиле злоупотреби со државни резерви на жито. Штетата е проценета на 780.000 евра. Осомничените ја злоупотребиле својата функција со неизвршување на службените обврски. Иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба во Јавното претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ – Скопје, тие доставиле неточни податоци и информации за неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во периодот 2019–2021 година. Со ваквите дејствија постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ