„Производството на електрична енергија од сонце е реалност – ‘елдорадото’ на фотоволтаични централи ја најави енергетската транзиција што, пак, отвори процес на трансформација на електроенергетскиот сектор. Бројките се охрабрувачки, но периодот кој е пред нас е полн со предизвици, а еден од нив е и балансирање на системот кога е во прашање електричната енергија произведена од обновливи извори. Мораме во оваа фаза да дејствуваме и поттикнуваме инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Секако и употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да е реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса“, истакна Бислимоски.

Дигитализацијата на административните процеси при прибавување на пропишаните дозволи и документи како предуслов за зголемување на бројот на инвестиции, беше една од клучните пораки на учесниците на панелот посветен на тоа „Како до формирање на зони за побрза реализација на зелени инвестиции“.
Како што информира РКЕ, говорниците, меѓу кои енергетичари, економисти и функционери од извршната и локална власт на земјата домаќин порачаа дека енергетската транзиција ќе биде успешна само доколку и домаќинствата ги почувствуваат ефектите, а не само индустријата. Мерки и реформи за паметна енергетската зелена иднина мора да биде цел за политиките кои ги водат земјите од регионот за полесно интегрирање со европскиот енергетски пазар.






