Во обраќање на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, што се одржува денеска во Скопје, министерот посочи дека „Македонија, за жал, во последните 15 години е синоним за врв на жртви предизвикани од непочитување на сообраќајни правила“.
„Бројката е 145 жртви. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, сиот оној убав народ што живее во Македонија не е само бројка кога говориме за 145 жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила во изминатите 15-ина години. Лани бројката е 142 жртви, за жал, најголем број се млади до 29 години, а и во рамки на светските параметри најголем број од почнатите млади во светот се како последица на непочитување на сообраќајните правила“, рече Тошковски.
Тој повика на координирана активност на сите институции за исполнување на целите со европската стратегија за преполовување на жртвите во соообраќајот до 2030 година и нивно сведување на нула до 2050.
Министерот порача дека е многу важно да се примени како што треба системот „Безбеден град“, што е во пробна функција од вчера. Најави дека заклучно до средина на 2026 година треба да се примени на територија на цела држава.
„Безбедноста на сообраќајот е заедничка одговорност на државата, на единиците на локалната самоуправа и на сите учесници во сообраќајот. Безбедноста не е само формално почитување на правилата, тaa е култура на однесување кои ги штити животите“, истакна вицепремиерот Александар Николоски во своето обраќање на конференцијата „Безбедност во сообраќајот во единиците на локланите самоуправи.”
„Патната инфарструктура што ја креираме мора да биде безбедна по проект, да ги минимизира ризиците и да нуди услови за безбедно движење за пешаците, велосипедисти, моторни возила и лицата со делумна подвижност. Безбедноста мора да стане основен критериум во плановите и проектите што ги правиме“, додаде вицепремиерот Николоски.
„Во рамки на Министерството за транспорт се работи на неколку стратешки насоки и тоа Националната транспортна стратегија 2018–2030 поставена е амбициозна, но неопходна цел – намалување на бројот на загинати лица на патиштата за 50 % до 2030 година затоа што бројките се лоши, Македонија е во врвот и се надевам дека со МВР ќе ги подобриме работите. Ја унапредуваме националната регулатива за безбедни патишта преку измена на законски решенија, користење на податоци за идентификација на црни точки и нивно минимизирање, креирање на урбанистички планови со безбедна инфраструктура. Ги подржуваме и соработуваме со општините за развој на локални проекти во дел на модернизација на раскрсници, воведување мерки за смирување на сообраќајот, изградба на тротоари и велосипедски патеки. Со Правилникот, велосипедските патеки за прв пат се категоризирани бидејќи до сега беа на доброволна основа, сега се задолжители. Промовираме Интелигентни транспортни системи, обврска што ни е зададена и со Планот за раст на ЕУ. Во овој момент Светска банка води постапка за поставување на ИТС на Коридор 10, над 13 милиони евра се грант за овој проект и за некаде година и половина ќе имаме целосно дигитализиран автопат од границата со Србија со границата со Грција. Веќе се работи на слична апликација и за Коридор 8”, рече Николоски.
Активностите за безбеден сообраќај на патиштата мора да бидат координирани и заеднички интероперабилно да се решаваат сите предизвици, додаде Николоски, кој потенцира дека активностите треба да бидат насочени кон долгорочни цели и активности.