понеделник, 9 февруари 2026
Поднесена е кривична пријава против сопственикот на фирмата од Охрид

Без опрема, осигурување и обука работел младиот фотограф кој почина по пад во окно

СВР Охрид поднесе кривична пријава против сопственик на фирма од Охрид и против самата компанија, поради сомнение дека со сериозни пропусти во работните услови директно придонеле за смртта на 28-годишниот Кристијан Љушев.

Објавено на

часот

Сподели

Кривичната пријава е поднесена против С.М. (43), сопственик и управител на правниот субјект, поради сомнение за кривично дело повреда на правата од работен однос.

Според полицијата, Љушев не бил пријавен како вработен, ниту бил здравствено и пензиско осигуран, иако извршувал работни задачи на градилиште изложено на сериозни опасности. Тој работел како помошник монтер, без претходна обука за безбедност и здравје при работа и без задолжителен лекарски преглед по медицина на трудот.

Дополнително, сопственикот му дозволил пристап до високоризично работно место, без соодветни упатства и без преземени основни мерки за заштита.

Трагедијата се случи на 12 јануари 2026 година, околу 15 часот, кога Кристијан Љушев падна од петти кат во окно од лифт во зграда која била во изградба во Охрид.

По падот, тој бил итно пренесен со возило на Итна медицинска помош во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде лекарите се обиделе да го реанимираат, но повредите биле фатални.

„Лекар констатирал смрт, а увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Охрид“, информираа од полицијата.

Истрагата треба да утврди целосна одговорност за условите под кои работел младиот охриѓанец, кој во јавноста беше познат како снимател, фотограф и продуцент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ