вторник, 27 јануари 2026

Бест Мобилити – НТА: Решението за ЕЕС-системот мора да се издејствува  во Брисел, блокадите можат да ја отежнат ситуацијата

Македонската национална транспортна асоцијација Бест Мобилити – НТА денеска порача дека блокадите на граничните премини се израз на револт на професионалните возачи и барање да се слушне нивниот глас за еднаков третман со возачите од ЕУ, но оти решението треба да се бара во Брисел. 

Објавено на

часот

Сподели

Предизвиците поврзани со ЕЕС биле примарен фокус на состанокот на Управниот совет на Унијата на патни транспортни асоцијации во регионот на економска соработка на Црното Море, BSEC-URTA, чија членка е и Бест Мобилити – НТА, што се одржа на 23 јануари во Скопје.

Сстанокот, на кој учествувал и Раду Динеску,  претседателот на Меѓународната унија за патен транспорт IRU, како што информираат, резултирал со конкретен став и унифициран предлог за решенија.

„Ова стратешко усогласување со меѓународното лидерство потврдува дека нашиот пат напред е преку структурирани интервенции во политиката на високо ниво. Врз основа на досегашните активности, веќе се остварени директни состаноци во Европскиот парламент и Европската комисија, на кои активно учество имаше и Бест Мобилити. Овие средби јасно потврдуваат дека ова е единствениот начин да се изнајде одржливо решение за статусот на професионалните возачи – преку преговори на највисоко ниво и насочени законски измени во ЕУ-регулативата. Дипломатијата бара кредибилитет, при што блокадите можат да ја отежнат ситуацијата“, соопштија од БЕСТ Мобилити – НТА.

Оттаму дополнуваат дека „мора да се имаат предвид и негативните страни како што се губење на транзитот низ државава“.

„Секоја најава или реализација на блокада е сигнал за странските логистички компании да ја заобиколат Македонија како транзитна рута. Ова значи директно губење на приходи од патарини, горива и други услуги, што долгорочно ќе ја изолира земјата од главните транспортни коридори. Трошење на ограниченото време: секој ден поминат во блокада на граница е ден помалку од дозволените 90 дена престој во шенген-зоната. Присутен е и економски ризик за домашните компании: блокадите ги казнуваат македонските извозни компании, создавајќи загуби во секторот, кој веќе е под огромен притисок“, се вели во соопштението.

Од Бест Мобилити – НТА, посочуват дека преку соработка со меѓународните сојузи IRU и BSEC-URTA, продолжуваат со максимален притисок врз надлежните институции во ЕУ.

„Нашите барања се јасни – признавање на возачите како „мобилни работници”, чиј статус е верификуван со сертификати за професионална компетентност (CPC). Исто така и заедничка акција со државниот врв. Упатуваме итен апел до Владата и ресорните министерства да го поддржат нашиот дијалог со Брисел преку официјални државни дописи и состаноци со надлежните во Европската комисија. Искуството од состаноците во Европскиот парламент ни дава насока дека борбата за транспортниот сектор се добива со аргументи во институциите, со предлог на конкретни решенија и нивна брза реализација. Затоа, ги повикуваме и надлежните во нашата држава, а и превозниците кои се насомнено најпогодени од сето ова што сега се случува во патниот транспорт во регионот на Балканот – на единство во овие напори за да ја сочуваме стабилноста на македонскиот транспорт“, изјави Оливера Миовска, претседател на БЕСТ Мобилити – НТА, а воедно и заменик- претседател на BSEC-URTA.

БЕСТ Мобилити-НТА посочуваат дека се против дискириминаторската примена на вакви мерки за професионалните возачи од земјите кои не се членки на ЕУ, но, како што наведуваат, методологијата не  смее ни да ги блокира патиштата.

„Се бориме со ова прашање на сите платформи со BSEC-URTA, ИРУ и сите други меѓународни платформи со цел да се најде конечно решение применливо и прифатливо за сите страни. Во таа насока сметаме дека е и подршката на превозниците од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој вчера беше  присутен на граничниот премин Блаце, за што ја искажуваме нашата благодарност“, се вели во информацијата.

Николоски вчера во изјава на ГП „Блаце“ во знак на поддршка на  протестот оцени дека ова предупредување доаѓа навреме и оти февруари и март треба максимално да се искористат и земјите членки на шенген-зоната да изнајдат решение.

„Во принцип, постојат три можни решенија. Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во шенген-зоната – најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што моментно тоа го прави Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит во земјите од шенген-зоната“, изјави Николоски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски вчера изјави дека со Европската Унија активно се комуницира за решение за мерките што се најавени за нашите превозници како и за тарифите за извоз за челичната индустрија.

Тој се надева на некаков исход, бидејќи од ЕУ било укажано дека се свесни оти има проблем и дека се работи на изнаоѓање решение.

Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, вчера почнаа блокада на товарниот сообраќај на премините кон шенген-зоната. Тие сметаат дека ЕЕС-системот ги дискриминира во однос на превозниците од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да не ги третира како туристи при влез во блокот.

„Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи во одреден период. Кога ќе се приклучат и Турција и другите држави, ќе се работи за над милион тони стока што се движи или чека и тоа треба да биде јасен сигнал за сите. Но не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да им нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не може да траат подолго“, изјави вчера Билјана Муратовска, генерален секеретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ