сабота, 28 март 2026

Бешлиовска: Инвестицијата во медицинските сестри е инвестиција во здрава нација

Недостигот од медицински сестри води кон продолжено лекување на пациенти, а тоа носи дополнителни трошоци, листи на чекање. Пациентите заслужуваат едуцирани и платени медицински сестри. Во услови кога има недостиг на медицински сестри, од една страна има незадоволни пациенти, а од друга страна, согорен здравствен персонал, што согорува во работата, поради недостиг на персонал. Тој недостиг најмногу се чувствува во медицинските установи каде што се лежечките пациенти, изјава претседателката на унијата на здруженија, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“, Гордана Бешлиовска.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Притоа, таа подвлече дека најголемата штета е напуштањето на професијата медицинска сестра. Покрај тоа што заминувале во странство и во приватен сектор, медицински сестри, вели таа, ја напуштале професијата и се вработувале на други работни места.

„Инвестицијата во медицинските сестри е инвестиција во здрава нација“, истакна Бешлиовска пред почетокот на првиот симпозиум на Друштвото на анестезија, реанимација и интензивно лекување, што се одржува денеска во Скопје.

Таа рече дека целта на симпозиумот е специјалноста на медицинските сестри во посебни области да ги отслика нивните компетенции на работните места врз основа на образованието што го стекнуваат како сестри специјалисти.

„Унијата на здруженија што ја предводи Здружението ЗМСТАС – ‘За нас’ од денеска со законска официјална регистрација преминува во Сојуз на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри“, информираше Бешлиовска.

Претседатели на пет здруженија и на здружението ЗМСТАС – „За нас“ на почетокот од симпозиумот ќе го потпишат меморандумот, со што ќе се регулира регистрацијата на Сојузот на медицински сестри.

„Целта е со вакво единство, медицинските сестри да си ги добијат институционалните позиции, закон преку којшто ќе биде регулирана комората и јавните овластувања за нивната професија како што се централниот регистар, лиценцирање и прекршочни одредби за одговорности на медицинските сестри“, додаде Бешлиовска.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ