„Запалив цигара и излегов надвор. Во тој момент видов како сите почнаа панично да трчаат. Настана стампедо“, сведочеше Панов. Пред судницата раскажа дека луѓето паѓале еден врз друг на скалите, се газеле и се заглавувале меѓу двете врати на дискотеката – таканаречената каубојска врата и втората влезна врата.
Кога повторно влегол внатре, како што кажа, условите биле неподносливи. „Не можеше да се остане повеќе од половина минута.
Беше страшно, сведочеше Панов, додавајќи дека надвор имало луѓе кои помогнале да се расчисти стампедото, а и самиот тој се обидувал да помогне колку што можел.
Во темнината и чадот, почнал очајнички да го бара својот брат.
„Налетав на пожарникар, беше многу темно, имаше тела на земјата. Побарав да светне со батерија, го извадив и мојот телефон и светев додека го барав брат ми“, сведочеше Панов. Во еден момент нешто паднало врз него, а кога се созел, братот го нашол на прагот на дискотеката, веќе извлечен надвор, препознавајќи го по тетоважите.
Го однеле во амбулантата, но таму, според сведочењето, владеел хаос. Му бил даден адреналин, по што бил префрлен во друга просторија.
„Прашав дали е жив, никој не ми одговори. Останавме само јас и тој и се обидував да го реанимирам“, раскажа Панов, додавајќи дека медицинска сестра му кажала дека лицата во соба број два се оние што не дишат, односно се починати.
Во сведочењето тој наведе дека видел еден од обезбедувачите како им помага на луѓето, додека другите не ги забележал. Посочи и дека го видел Деко како трча со противпожарен апарат, како и дека Панчо преку микрофон повикал посетителите да излезат, со зборовите дека ќе се вратат назад.
„Деко ја контролираше нашата работа како келнери“, додаде Панов.
Во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 63 лица. Судењето продолжува со останатите сведоци.
К.Д.






