Како што информираат од партијата, настанот бил посветен на улогата на жените во креирањето политики, нивното активно учество во политичките процеси и нивниот придонес во донесувањето одлуки на централно и локално ниво.
Во рамки на настанот се одржала панел-дискусија на тема „Улогата на жените во градењето на модерно и праведно општество“, при што било истакнато дека вистинското одбележување на 8 Март подразбира отворање суштински прашања и креирање конкретни политики за поголема заштита, еднаквост и можности за жените.
Потпретседателката на движењето, Весна Бендевска, во своето обраќање посочила дека годинешното одбележување на 8 Март се случува во период кога се зголемуваат случаите на семејно насилство, при што во последните два месеци се регистрирани четири случаи на фемицид.
„Во сериозни времиња, за сериозни проблеми, неопходен е сериозен пристап. Движењето ЗНАМ нема да остане нем набљудувач на речиси секојдневните случаи на семејно насилство. Црвениот аларм е веќе вклучен и потребни се итни мерки и конкретни решенија“, истакнала Бендевска.
Од движењето најавуваат дека како дел од власта ќе предложат отворање јавна дебата за реорганизација на институционалниот систем со цел доследно спроведување на обврските што државата ги има преземено со ратификацијата на Истанбулска конвенција. Целта е воспоставување поефикасен систем за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Дополнително, од движењето предлагаат основање државни регионални центри за згрижување на жртви на семејно насилство, кои би располагале со соодветни материјални, кадровски и финансиски ресурси. Со тоа, според нив, би се надминал недостигот од сместувачки капацитети – шелтер центри, што во моментов претставува една од главните слабости во системот за заштита на жртвите.
Во таа насока, пратеничката група на ЗНАМ најави дека ќе иницира јавна расправа во Комисијата за социјална политика, демографија и млади, со учество на експертската јавност и граѓанскиот сектор, за да се утврди дали се потребни измени и дополнувања на законите што го уредуваат системот за заштита од родово базирано и семејно насилство.
Од движењето на крајот од настанот го честитаа 8 Март на сите жени, нагласувајќи дека нивна програмска определба останува градењето модерно и праведно општество во кое правата, достоинството и безбедноста на секоја жена ќе бидат гарантирани.






