Видувањата поминаа во одлична атмосфера, многу емоции, прегратки, па и по некоја солза споделија повеќе од 500 учесници на овој настан.
На средбата учествуваа и поглаварот на МПЦ господин, г.г. Стефан, претседателот на МАНУ проф. Живко Попов, министрите во Владата на Република Македонија Гордана Димитриеска- Кочоска и Игор Филков, заменик министерот Ѓоко Велковски, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски, Гордан Јорданов од Македонската обединета дијаспора и голем број на општественици.
Собирот го поздрави координаторот на здруженијата Сотир Лукровски, кој порача дека и покрај сите бариери со кои се соочуваат, тие ќе продолжат да се враќаат на своите родни огништа на Егејот, и дека и покрај забраните тие се само родољуби и не претставуваат опасност за никого.
Естрадните уметници Бојана Скендеровски, Сузана и Огнен Здравковски, „Оркестар бравос”, ансамбл „Јонче Христовски” со многу емоции и песна го оплеменија настанот кој беше во извонредна организација од секој аспект.