Белчева Андреевска вели дека новиот закон, кој е објавен во Службен весник со број. 32/2020 во членот 23 (6) се нуди можност за суспензија на сите планови за кои постои стручен наод за непрофесионалност, незаконитост и нестручност.
Во својот допис советничката вели дека изразува незадоволство од вчерашната одлука на Уставниот суд со која се донесе времена мерка за одлуката на Советот на Општината за Примена на урбанистички планови во општина Центар.
„Ценам дека со оваа одлука им е нанесена штета на граѓаните на општина Центар и на нашиот град, но и на државата пошироко, бидејќи не се застанало во одбрана на почитувањето на законите и темелните вредности загарантирани со Уставот, како што се правото на здрав живот, хуман и рамномерен развој на просторот, одржливост во планирањето на просторот и искористувањето на ресурсите. Дополнително, иако одлуката на Советот од март 2019, која е ставена на разгледување е проследена со стручни наоди за прекршување на планови од повисок ранг, како и прекршување на законите, тие не се земени предвид како ризик по правниот поредок, по штетата која ќе ја предизвикаат и воопшто по квалитетот на живот на граѓаните на главниот град”, вели Белчева Андреевска.
Затоа, како што нагласува, предлага Советот да го искористи новиот закон за Урбанистичко планирање, поточно член. 23 (6) и да ја искористи можноста за суспензија на сите планови за кои постои стручен наод за непрофесионалност, незаконитост и нестручност.
„Tоа што новиот закон за Урбанистичко планирање пропишува суспензија, односно семантичка замена за зборот мораториум не е доказ за незаконитост/неуставност на одлуката донесена по стариот закон. Напротив, ја докажува правната издржаност на одлуката која со претходниот закон само не била пропишана како сега, но не била ниту забранета (а сѐ што не е забрането е дозволено). Општина Центар може да се гордее со претходната одлука која очигледно била инспирација за законодавецот при изработка на новиот закон за Урбанистичко планирање. Суспендирањето и ревидирањето на плановите е со единствена цел да се заштити постојната сопственоста и да се создадат хумани услови за живеење на граѓаните”, вели советничката.
Таа нагласува дека на таков начин, општината ќе направи нов обид за остварување на уставните начела за хуманизација на просторот, здрава животна средина и правото на здравје со што се овозможува остварување на позитивната обврска и се балансираат компетитивните интереси во општеството.
„Позитивната обврска за државата е од особено значење бидејќи тоа е регулирано и со Европската конвенција за човекови права и дополнително разработено во праксата на Европскиот суд”, вели во својот допис до советниците и градоначалникот на општината Центар советничката Јана Белчева Андреевска.