сабота, 12 јули 2025

Беџети: Европскиот фронт ќе се проширува врз основа на „незадоволството на Албанците и другите етнички заедници“

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети денеска на прес-конференција најави дека коалицијата ќе се зголемува, но не само со политички партии. Уште еднаш ги повика Вреди и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори, притоа обвинувајќи за деградирање на албанскиот јазик и игнорирање на законот за употреба на албанскиот јазик.

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашање поврзано за приклучување на Арбен Таравари и евентуално проширување на Европскиот фронт, Беџети рече дека во моментов се прават анализи и дека Европскиот фронт ќе се проширува не само со политички партии, туку и со поединци, со невладиниот сектор и со сите оние, како што кажа, „кои мислат дека оваа влада носи антиалбански одлуки и која во контуинитет ги деградира правата на Албанците”

„Во моментов сѐ уште се одвиваат разговори, се прават анализи во контекст на прашањето за проширување на Европскиот фронт и нашиот став е дека Европскиот фронт ќе се проширува, не само со политички партии. Упатуваме јавен апел до сите Албанци, до сите други етнички заедници, граѓани на други етнички заедници“, рече Беџети.

Најави дека на овие локални избори тие ќе имаат еден широк фронт, не само со политички партии, со поединци, интелектуалци, граѓани… широка коалиција, која ќе биде изразена во форма на референдум „на незадоволството на Албанците и другите етнички заедници“. Беџети го повтори и барањето до Вреди и до ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.

„Ќе имаме таква една широка коалиција со поединци, со политички партии, со невладиниот сектор, со сите кои мислат дека оваа влада носи антиалбански одлуки и која во контуинитет, секој ден, ги деградира правата на Албанците и на другите етнички заедници. Ќе има еден широк фронт на овие локални избори“, рече Беџети.

На прес-конференцијата тој рече дека албанскиот јазик брутално се деградира, дека законите се испраќаат само на македонски јазик, патоказите се менуваат, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за употреба на албанскиот јазик и се обидуваат да го укинат статусот на Инспекторатот за јазикот, каде што вработените веќе со месеци немаат плати.

„Целта е јасна, да нѐ натераат да молчиме“, изјави координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Беџети.

На прес-конференција во законодавниот дом, тој рече дека од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ биле иницирани 18 предлози за укинување на секој закон којшто ја штити еднаквоста.

„Балансерот е укинат, вработувањата се фаворизираат за македонската етничка заедница, оправдувајќи се со лажна меритократија што ги потценува Албанците“, смета Беџети.

Според него, унапредувањата се даваат само за припадници на ВМРО-ДПМНЕ и нивните македонски коалициони партнери.

„Законот за правично застапување е блокиран, или поточно преку процесот 10 месеци со висока тајност, утре се очекува да се донесе предлог-закон кој не е за застапување, туку за понижување и целосно деградирање на клучниот столб на Охридскиот договор, правичното застапување на Албанците и другите етнички заедници. При носење на одлуки, Албанците се целосно игнорирани“, посочи Беџети.

Нагласи дека Албанците не добивале покани да присуствуваат на државни посети, додека пак, на меѓувладини средби, вели, биле заменувани со Македонци. Според Беџети, економските директори на универзитетските клиники биле укинати, само поради што биле Албанци.

„За најважните одлуки, Албанците слушаат само од медиумите. Ова е партнерството што го нуди Вреди во оваа Влада“, рече Беџети.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ