Според Мицкоски, додека власта повикува на таков консензус со месеци, опозицијата не бира средства како „зади грб ѝ да стават нож во грб“.
„Ние повикуваме на таков консензус со месеци, но гледате додека ние се бориме да го повратиме тоа на меѓународна сцена, тие не бираат средства како одзади да ни стават нож в грб, мислејќи дека така ќе им се допаднат на тие кои што не и мислат добро на Македонија и на тој начин ќе се вратат повторно и ќе имаат можност да имаат власт. Не иде тоа така, народот не е со кратко помнење. Знаат што се случи изминатите седум години“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на „Реплек“.
Опозицијата, нагласи Мицкоски, ја испушта својата прилика да се консолидира, да се построи во редот на бранители на македонските интереси и на тој начин, колку толку да поврати дел од изгубениот кредибилитет.
„Тие, за волја на вистината, по два основни правци го губеа својот кредибилитет. Првиот беше овој, за којшто зборувам, а тоа е распродавајќи ја Македонија и нејзините стратешки интереси и вториот со многу крадење и криминал. Тоа беа двата основни столба. Тоа се двете причини зошто секогаш кога ќе му спомнете на народот за опозицијата, тие немаат легитимитет ниту поддршка од народот, ниту пак ќе ја имаат“, изјави Мицкоски.
Прашан за коментар на изјавата на лидерот на опозицијата Венко Филипче, дека нема политичка волја за напредок во евроинтеграциите, Мицкоски рече дека не би коментирал „егзибиции на опозицијата“ кои ги оцени како континуитет на нивните предавства и порази од минатото.
„Ние како Влада додека се бориме жестоко да ги повратиме позициите што тие ги оставија во минатото слободни и ги предадоа националните интереси на државата, тие гледате од зад грб се обидуваат дополнително да ни ставаат товар. Но ние сме силни и ќе го издржиме сето тоа. Мислам дека тоа е погрешна политика што ја води опозицијата, мислам дека политиката на свиткана кичма, на предавства, на лесно потпишување договори и слично нè доведе до оваа ситуацијата во која што сме, а она што го прави оваа влада и македонската дипломатија е да ги поврати изгубените позиции, но и на светот да му покаже во суштина што се крие зад сето она што порано беше кажувано како едноставна работа… Само да се промени Уставот и завршено е сè – готово, мед и млеко ќе почне да тече по улиците, птиците ќе пејат, цвеќињата ќе растат и сè ќе биде перфектно. А во суштина не е така! Во суштина многу длабок е проблемот и ние само малку загребавме на површината и сè излезе. Така што може и светот и македонските граѓани да видат за што станува збор“, изјави Мицкоски.
Прашан за коментар за наводите дека во извештајот на ЕК се предупредува за т.н. „српски свет“, Мицкоски рече дека не го видел тој извештај, но ги отфрли таквите констатации, посочувајќи дека не верува такво нешто да биде создржано во официјален извештај од страна на ЕУ.
„Кога ќе го видам, ќе го коментирам. Но, апсолутно отфрлам таква констатација, и не верувам дека тоа е содржано во некаков официјален извештај од страна на ЕУ, бидејќи би било многу наивно. И од оние контакти што јас ги имам со високи претставници на ЕУ, барем откако е оваа Влада, не само што немаме никаква допирна точка со таква констатација. Туку напротив, ако некогаш во времето постоеше нели онаа иницијатива ‘Опен Балкан’. Барем од кога е оваа Влада, такво нешто нема, бидејќи се изгуби смислата на сето тоа, од она што можам јас да го видам“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, пописот не е и не смее да биде политичка тема. Тој нагласува дека „нам ни е потребна вистинска бројка за да знаеме како да ја развиваме државата“, додека „политичките теми поврзани со проценти, со бројки, права итн., тоа е завршено“.
Електронски попис, според Мицкоски, треба да направиме од проста причина што треба да знаеме со што располагаме по критериумите дефинирани на Евростат.
„Јас не реков дека тоа ќе го направиме. Можеби повторно ќе биде теренски, можеби ќе бидеме ние многу богати, па ќе имаме пари да трошиме за теренски попис. Но, ќе повторам, не смее пописот да биде политичка тема, завршени се политичките теми поврзани со проценти, со бројки, права итн… Тоа е завршено. И тоа никој не треба ниту да го спомене, ниту да го дебатира. Тоа е стекнато право и завршено. Нам ни е потребна вистинска бројка за да знаеме како да ја развиваме државата. Тоа е суштина“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на „Реплек“.
Според Мицкоски, ние во моментот работиме со податоци 23 години стари, а од друга страна велиме сме кандидат за ЕУ, сакаме во ЕУ.
„Не е ова политичка тема. Јас кога го споменав електронскиот попис тоа го споменав на основа на прашање од страна на пратеник во македонскиот парламент, кое што дојде како резултат на одлуката на Уставен суд да ја поништи методологијата користена при минатиот попис. Сега ако таа методологија не чини, ние фактички работиме со податоци од 2002. Реално, бидејќи ако Уставниот суд ја поништи таа методологија. Мораме да се одлучиме што навистина сакаме. Дали ќе се занимаваме со етнополитикантство, или ќе се занимаваме со развој. Не можеме и двете работи“, изјави Мицкоски.
Мицкоски, смета дека опозицијата нема капацитети и единствената тема им е етничка политизација и етнополитикантство.
„Ги разбирам. Дали ќе ги оправдам – не ги оправдувам. Ќе видиме, народот ќе даде одговор. Но, јас зборам за развој. Ако сакаме да се развиваме, тоа е правецот“, изјави Мицкоски.






