Доколку властите немаат слух, притисокот кон нив ќе биде засилен. Покрај редовните вечерни блокади на крстосницата пред мостот Близнак, ќе се организираат блокади и на други места во градот, а во петок ќе има утринска блокада на оваа фреквентна крстосница во Аеродром од 7.30 часот. Од иницијативата рекоа дека е добро што на Вардариште сега има полициски патроли, но дека е потребно еднаш за секогаш да се престане со одложување и претовар на отпад и дека депонијата треба да биде оградена и обезбедувана 24/7, а лицата кои таму нелегално живеат да бидат дислоцирани и соодветно згрижени од државата.

Беа повторени и останатите точки од барањата и беа повикани и граѓаните од другите населби да им се придружат зашто за загадувањето на воздухот нема граници. Воедно беше изразено незадоволство што во критичните денови кога гореше отпад на Вардариште не беше мерено загадувањето на воздухот во Аеродром и во Гази Баба за присуство на опасни отрови од хемиски и друг вид отпад зашто, како што беше речено, како што е случај со пожарот во Трубарево, опасен отпад од сличен вид има на Вардариште.






