вторник, 3 март 2026

Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачка изложба на МЕД се отвора во Лабораториум

Фотографии од терен и 18 години мониторинг на критично загрозениот балкански рис е темата на изложбата што ќе биде отворена до 5 април, информираа од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Објавено на

часот

Сподели

По седум гостувања низ државата, патувачката фотоизложба посветена на балканскиот рис пристигнува во Скопје. Отворањето ќе се одржи на 5 март во 19 часот во културниот простор „Лабораториум“, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).

Изложбата е замислена како начин граѓаните одблиску да го запознаат овој редок и кревок подвид, преку дваесетина внимателно избрани фотографии, најголем дел направени со фотозамки – метод што МЕД го користи речиси две децении. Покрај впечатливите кадри од дивината, поставката ја прикажува и долгогодишната теренска работа во рамки на Balkan Lynx Recovery Programme – регионална програма за закрепнување на балканскиот рис.

„Благодарение на оваа програма, МЕД ја процени бројноста на популацијата во земјава, ги прошири сознанијата за природниот опсег, движењето и исхраната на рисот преку ГПС-следење и воспостави соработка со институции, ловџии, шумари и ловочувари. Програмата придонесе и за зајакнување на прекуграничната заштита и за прогласување нови заштитени подрачја, меѓу кои и Шар Планина, клучна за опстанокот на рисот“, велат од МЕД.

Досега изложбата беше поставена во повеќе градови и во националните паркови Национален парк Маврово, Национален парк Пелистер, Национален парк Галичица и Национален парк Шар Планина.

„Иако е национален симбол, балканскиот рис и понатаму е критично загрозен, со помалку од 50 возрасни единки во природата. Изложбата, наменета за сите возрасти, покрај визуелното доживување отвора и простор за разговор за предизвиците и мерките за негово зачувување. Скопската публика ќе може да ја посети поставката до 5 април“, предупредуваат од МЕД.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ