Така, додека просекот на ниво на ЕУ е 60,2 отсто, во Македонија уделот на оние кои лани пазарувале преку интернет изнесувал 39,4 отсто, што, пак, е повеќе од стапките во Босна и Херцеговина каде изнесува 34,8, Црна Гора со 24,5 и Албанија со 16,3 проценти. Секоја од четирите држави е третирана како еден статистички регион.
Во Србија, која е поделена на четири региони, состојбата е нешто подобра, па така во реонот на Белград таа стапка е 52,4 отсто, додека во останатите статистички региони се движи од 44,3 во Јужна и Источна Србија, 44,9 во Шумадија и Западна Србија, до 48,4 проценти во Војводина.
Инаку, и во земјите членки на ЕУ од Балканот оваа стапка е под европскиот просекот. Во Хрватска тој удел e 52,5 отсто, во Словенија во источниот регион 49,8, додека во западниот 58,9, а во Грција, со исклучок на регионот Егејски oстрови-Крит“ каде изнесува 68,3 проценти, таа се движи од 40,8 во Централна Грција, 56,5 во Атика, до 57,3 отсто во Северна Грција.
Во Бугарија, пак, стапката на граѓани кои купуваат онлајн се движи од 21,7 отсто во југоисточниот регион, 24,9 во северозападниот, 26,5 во јужниот, 33,1 во североисточниот, 36,8 во северниот, до 44,7 проценти во југозападниот регион, во кој спаѓа и Софија.
Во Романија, тој удел е највисок во Букурешт од 51 отсто, додека во останатите седум статистички региони се движи од 26,4 до 40 проценти.






